Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да нѐ почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, говорејќи за прашањето за името.
Според македонскиот претседател, поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, меѓународниот поредок полека деволуира во, како што рече, глобален хаос и непоредок, а во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствувала оваа сурова реалност.
„На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата“, рече претседателот Иванов.
„Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години – на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација“, рече претседателот Иванов.
Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија, рече претседателот Иванов, беше една од главните причини за постојаната внатрешно-политичка криза во Македонија што кулминираше оваа година.
Решението за разликата околу името, според македонскиот претседател, треба да се бара во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.