Новото решение за името со географска одредница да не биде на штета на трети држави, е ставот на претседателот Ѓорге Иванов, кој на заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев на новинарско прашање за спорот потенцира дека преговорите ќе продолжат под покровителство на Обединетите нации, а решението ќе се бара од Резолуцијата на ООН, Привремената спогодба, како и пресудата на Меѓународниот суд.
Бугарскиот претседател Румен Радев, кој е во дводневна посета на земјава, во однос на спорот за името меѓу Македонија и Грција потенцира дека Бугарија не се меша во решавањето на спорот помеѓу двете земји, но, како што истакна, како соседна земја овие прашања ја засегаат и Бугарија. Додаде дека нема да има никакви санкции од страна на Бугарија.
Иванов и Радев разговарале за повеќе теми, меѓу кои и за мигрантската крзиа, па оттука Иванов иницира договор за стратешко партнерство со Бугарија како што Македонија има потпишано со САД и Турција.
„Сè се менува, но не и географијата, ние сме соседи и ќе останеме. Нашите односи со Бугарија се пример за добрососедство. Договорот за добрососедство што го потпишавме создава шанса за зголемување на соработката. Разговаравме и за новата Стратегија на ЕУ за проширување што е голема заслуга на Бугарија. Реални се можностите Македонија за време на бугарското претседателстово со ЕУ да добие датум за почнување на преговорите и да добие покана за членство во НАТО на самитот летово. Ја поздравувам иницијативата на Бугарија за сè што прави за евроинтегративните и евро-атлантските аспирации на Македонија“, рече Иванов.
OhridNews
Макфакс