Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Македонија.

 „Јазикот ја претставува душата на една нација. Во него е содржан кодот на идентитетот на еден народ. Можноста за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во државава. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои меѓукултурно нè поврзуваат и нè обединуваат. Почитувајќи ги традицијата и посветеноста за негување и унапредување на меѓусебните односи во земјава, го одбележуваме празникот на турската заедница како ден кој сплотува и ги зацврстува меѓусебните односи“, порача македонскиот претседател.

 „Во оваа пригода, не можеме а да не ја споменеме и цврстата соработка со Република Турција, која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање.  Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од различни области. Во пресрет на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, сакам да порачам, и во иднина заеднички да продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија“, се вели во честитката на Иванов.

OhridNews