Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во вилата “Билјана“ денеска ја прими делегацијата на учесници на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој по 44-ти пат се одржува во Охрид, во организација на Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.


На средбата, како што информира Кабинетот на претседателот, Иванов го подвлече значењето на Семинарот за македонски јазик, литература и култура кој повеќе од четири децении претставува духовна крепост на македонскиот културен и национален идентитет. Благодарение на овој настан македонскиот јазик и македонската литература и култура се распространува низ сите светски меридијани создавајќи свои пријатели и почитувачи. Честитајќи им на организаторите за посветеноста при организирањето и реализирањето на семинарот претседателот Иванов им посака и во иднина семинарот да продолжи со својата мисија и постојано развивајќи и наградувајќи ги своите содржини ревносно да продолжи да го промовира македонскиот јазик и култура.


Гостите подробно го информираа Претседателот за програмата и се заблагодарија за неговата поддршка изразувајќи цврста заложба и понатаму да бидат промотори на македонскиот јазичен и културен идентитет.


Годинава на Семинарот за македонски јазик, литература и култура присуствуваат 112 учесници од 24 земји.

OhridNews