Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов во обраќањето до нацијата вечерва упати критики за начинот на кој се води постапката за расветлување на немилите настани во Собранието од 27-ми април. Тој изрази несогласување соделото за кое се товарат приведените лица по наредба на обвинителството и предупредува дека во земјата се случува негативен процес во кој не се почитува пресумпцијата на невиност, што може да има сериозни последици.

-За политичкото, како и за физичкото насилство за настаните од 27 април, одговорност мора да има. Кој постапил спротивно на Уставот и законот треба соодветно да одговара. Но, одговорноста не смее да се генерализира. Мора да се почитуваат човековите права, да се почитува презумпцијата на невиност и да се внимава на квалификациите на кривичните дела.Ја поддржував и сега ја подржувам граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, која повеќе од два и пол месеци на мирен и достоинствен начин ја искажуваше грижата за националните интереси на Република Македонија. Граѓаните кои се сплотија и ја демонстрираа идејата за заедништво не се и не можат да бидат третирани како терористичка организација. – рече Иванов.

Тој изрази загриженост за се поголемиот број на информации кои стигнувале до него за политички реваншизам кој, како што додаде, е видлив на повеќе нивоа, од јавната администрација, до судско полициските случаи.

-Со ова се внесува страв и несигурност, што доведува до состојба на политичка дестабилизација. Во услови кога не очекува преземање на многу обврски за консолидација на општеството, како и на планот на европската и евроатлантската интеграција, целата енергија треба да е фокусирана кон градење консензус за национален дијалог и исполнување на реформите. Со реваншизам и демонстрација на сила се генерира поларизација на општеството, состојба во која не можеме да очекуваме напредок во реформските процеси. – истакна Иванов.

Иванов повика на разумно однесување на сите институции и почитување на Уставот, посочувајќи дека секој е одговорен за своите постапки.

-Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонски судир. Секогаш кога сме биле поделени, други нè окупирале, раселувале, преименувале и однародувале. – предупреди претседателот Иванов.

OhridNews