Како претседател, жалам што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Неодговорното однесување на политичките лидери доведе до длабока политичка криза што ја разниша довербата на граѓаните во институциите на државата, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на вечерашниот прием и средба со дипломатскиот кор што се одржа во Битола.
Во своето обраќање, шефот на држаата воедно јавно се заблагодари за ангажманот на пријателските и партнерски држави, како и на еврокомесарот Јоханес Хан за неговите заложби за спроведување на политичкиот договор.
– Годинава некои од вас дипломатите беа на масата каде што се одвиваше дијалогот меѓу лидерите на политичките партии во Република Македонија. Како претседател, жалам што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Неодговорното однесување на политичките лидери доведе до длабока политичка криза што ја разниша довербата на граѓаните во институциите на државата. Морам да истакнам дека сум непријатно изненаден и од несериозното однесување и немањето чувство за државност кај некои од лидерите на политичките партии. Истовремено, благодарен сум за ангажманот на пријателските и партнерски држави. Благодарен сум за заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан за спроведување на политичкиот договор и ја поздравувам подготвеноста на Европската унија да обезбеди целосна поддршка и гарантирање слободни и фер избори, нагласи Иванов.
На традиционалниот годишен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија, претседателот Иванов потсети и на актуелните состојби врзани со мигрантите и бегалците кои минуваат низ Република Македонија.
– Зад нас оставаме година на важни крстосници и храбри одлуки. Година кога низ Република Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Година во која мирот и соживотот беа мета на насилни екстремисти и терористи. Во услови на досега незапаметен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси се’ што ни донесе годината. Самоуверено и одлучно се справувавме со предизвиците. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа територијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите. Ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат се’ по значаен партнер, партнер на кој може да сметаат, посочи Иванов.
Својата поздравна реч до претставниците на дипломатскиот кор во Република Македонија, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ја заврши со порака за почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски.
OhridNews