Дигитализирањето на телевизискиот пренос носи нови можности за слободни и плуралистички мас-медиуми. Преносните капацитети се зголемуваат неколкукратно, а содржините имаат неспоредливо подобар квалитет. Со дигиталната дивиденда Македонија ќе биде првата земја од регионот која ќе го воведе овој процес, а значајно за земјите од опкружувањето е да не следат на овој план, во што нашата земја може да им помогне, изјави денес министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

– Процесот на премин од аналогно кон дигитално емитување треба да ги гарантира слободата на изразувањето, слободата на медиумите и слободниот пристап до информациите. Доколку процесот на дигитализација се спроведува без да се почитуваат овие правила, ќе се појави ризик од негативни ефекти, како што се монополизација на медиумскиот пазар, намален медиумски плурализам, нови културолошки бариери или спречување на меѓународниот тек на информации,  рече министерот Ивановски.

Тој посочи дека Интернационалната Телекомуникациска Унија ја дефинира 2015 година, како краен рок за исклучување на аналогното емитување на телевизиските содржини во Европа. Тоа значи дека обврската за дигитализација потекнува од меѓународните обврски, но сепак секоја земја одлучува за начинот на кој ќе премине кон дигитално емитување.

–    Процесот на вистинска дигитализација на радиодифузијата во Македонија започна со доделување на два мултиплекса на ЈП Македонска радиодифузија, која по изградбата на инфраструктурата започна со дистрибуција на ДВБ-Т сигнал на почетокот на 2012 година. Денес, дел од националните тв сервиси можат да се гледаат во дигитална форма преку мултиплексите на Македонската радиодифузија,  додаде министерот .

Во октомври двата мултиплекса, кои се наменети за емитување на телевизиските сервиси со државно и регионално покривање се доделени на групацијата ОНЕ, која треба да обезбеди дигитално емитување на тв програмски содржини до конзументите бесплатно.

OhridNews