Административците нема да бидат избркани од работа, дури и да се суфицит во некоја институција, вели министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Ние донесовме измени на законите за државни службеници и за јавни службеници каде што се овозможува мобилност. Доколку во некои институции се утврди суфицит, поголем број на вработени од што е потребно во тој момент, тогаш да можат двата функционера да склучат договор институција во која има дефицит да може да преземе од вработените“, вели Ивановски.

„Се прават такви анализи за проверка на лицата кои се на некој начин определени од институцијата како суфицит и лица кои треба да преминат во друга институција, за да им се овозможи пред се на нив да имаат работа, да се чувствуваат корисни во институцијата“, истакнува Ивановски.

„На таа институција која има дефицит да и се помогне со институцијата која има суфицит. Таа институција што идентификувала дека некое работно место е суфицит, нема да има можност да го пополни, да не испадне дека ова е систем направен за да има некакво чистење, напротив, тој што ќе каже дека ова место е отповеќе, тоа место никогаш веќе нема да се пополни, барем не во периодот што доаѓа“, вели првиот човек во министерството за информатичко општество и администрација.

Во врска со процесот на „пребројување“ на администрацијата, министерот вели дека тука имале проблеми што уставниот суд донесол неколку одлуки, најпрвин за здравството, па културата, па јавни претпријатија формирани од општините, јавни претпријатија формирани од градот Скопје, дека треба да се избришат од регистарот за јавни службеници. За потсетување, додава тој, ние регистарот го направивме уште во јуни, но требаше институциите само да пополнуваат податоци за вработените, а тоа одеше малку потешко.

„И покрај тоа што дел од медиумите постојано шпекулираа дека министерството не го има подготвено регистарот, има два термина кои треба да се раздвојат, еден е регистарот кој беше готов, вториот е извештајот“, вели Ивановски.

„Во државна администрација има 14.800 вработени, а во јавна администрација, откако Уставен суд ги укина тие гранки кои ги спомнав, останаа мал број, околу 10.700 вработени. Инаку за волја на вистината, целата бројка на вработени во администрацијата е 118 илјади“, изјави министерот Иво Ивановски во интервјуто за Радио Слободна Европа.

OhridNews
извор: „Макфакс“