Пратеникот Игор Ивановски се откажува од кандидатурата за избор на нов лидер на најголемата опозициска партија СДСМ, поради, како што е наведено во електронската порака до медиумите, „ниедна партиска функција не смее да биде поважна од единството на партијата”, пренесува „Макфакс“.Самиот Ивановски не бил достапен телефонски за потврда на изјавата.

Во недела, 2-ри јуни СДСМ ќе го одржи својот редовен 14-от Конгрес на кој треба да се избере нов лидер на партијата, откако долгогодишниот челник и поранешен претседател и премиер Бранко Црвенковски, поднесе оставка на највисоката партиска функција.

За нов претседател на македонските социјалдемократи, инаку се кандидираа, потпретседателот на СДСМ и актуелен градоначалник на Струмица, Зоран Заев, потпретседателот Зоран Јовановски, пратеникот Игор Ивановски и поранешниот разузнавач Кире Наумов. Сé уште актуелниот лидер на социјалдемократите Бранко Црвенковски има поддршка кај голем дел од општинските организации на СДСМ кои поднесоа петиција за негово повторно кандидирање на челната позиција.

„Се кандидирав за претседател на СДСМ, воден од определбата, обврската и одговорност, СДСМ да биде партија која ќе биде програмски препознатлива и прифатлива, организационо ефикасна и кадровски отворена за стручни, чесни, работливи и препознатливи личности. СДСМ која на позитивен начин ќе ја освои довербата на граѓаните, за да ги решава огромните проблеми на луѓето и државата”, се наведува во писмената изјава на Ивановски дадена само еден ден пред одржувањето на конгресот и изборот на новито претседател.

Додава дека во изминатиот период разговарал со многу луѓе, внатре и надвор од партијата, „кои искрено порачуваат дека ниту една партиска функција не смее да биде поважна од единството на партијата”.

„Сите заедно заклучивме дека периодот што следи е голем тест за партијата и предизвик за начинот на кој ќе делува во иднина. Сакам да им се заблагодарам за искрените пораки и желби да останеме доследни на заедничките принципи и заложби за силен и единствен СДСМ. Во таа смисла, убеден сум дека ниту еден одличен концепт не може да се спроведе без вистинско единство, исто како што обединувањето без идеја, концепт и работа не значи ништо”, вели натаму пратеникот Ивановски.

Изразува и големо жалење, како што вели, поради тоа што во претконгресниот период поголем акцент и енергија биел ставени на личните персонални битки и кадровски комбинаторики на централно и локално ниво, за сметка на отворена дебата и заеднички пристап во изнаоѓање на усогласен, функционален и спроведлив програмски и работен концепт за иднината на СДСМ.

„Тргнувајќи од моите принципи дека личните амбиции се додадена вредност само ако се темелат на искрени заложби за тимска и заедничка работа, загрижен за стравувањата на членството од нови поделби кои ќе го ослабат СДСМ, а водејќи се од своите чесни и искрени намери и чувствувајќи ја одговорноста за идните успеси на партијата, Ве известувам дека ја повлекувам кандидатурата за Претседател на СДСМ. Искрено се надевам дека овој мој потег ќе придонесе останатите кандидати целосно и конкретно да ја сфатат исклучителната важност на единството во партијата, како основен предуслов за стабилен и победнички СДСМ.

„Од денес со личен пример ќе покажам дека не треба да бидеш носител на раководна функција за целосно и без предрасуди да се вложиш за успехот на СДСМ. Мојата борба за социјалдемократските вредности и принципи ќе ја продолжам во својата Општинска организација и Парламентот”, заклучува Ивановски заблагодарувајќи им се на неговите сопартијци и симпатизери, како и непартиски лица кои му дале поддршка и доверба, а на своите сопартијци „другари и другарки делегати” на конгресот на СДСМ им посакува „успешен, мирен и продуктивен Конгрес”.

„Очекувам тие во својот избор за Претседател, да се водат исклучиво од тоа кој од кандидатите може или не може, сака или не сака, и има или нема капацитет, да ја направат СДСМ успешна, единствена, обединета и победничка партија”, вели на крајот Ивановски.

OhridNews
извор:„Макфакс“