Коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Струга не е моноетничка, туку модерна патриотска коалиција на сите граѓани која на радикализмот одлучно ќе се спротистави со проекти, добра мисла и многу работа за да создаде општина во која ќе се живее мирно, пристојно и просперитетно. Ова го истакна потпретседателот на СДСМ Игор Иваноски на конвенцијата во центарот за култура „Браќа Миладиновци“, на која беа промовирани заедничката листа за советници на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и кандиддатот за градоначалник на Струга Владо Кочоски.
-Не е во денешно време патриотизам да се закануваш на другиот, да држиш оружје во рака, да сакаш на негоко да му го земеш неговото. Во денешно време патриотизам и во Струга ќе биде да ги задржиме младите во Струга да им овозможиме нови работни места да овозможиме подобар живот тука, а не некаде надвор. Затоа оваа коалиција ќе треба да биде современа патриотска, модерна и успешна коалиција. На оние кои што сметаат дека со нови радикализми, со нови поделби и стари идеи во нови обланди ние ќе се спротиставиме со програма, добра мисла и желба да работиме како што ни доликува за сите. Затоа велиме дека ова не е само македонска коалиција, ова е коалиција за сите-истакна Ивановски.
Тој рече дека оваа историска коалиција не е за партиите, туку за граѓаните, посочувајќи дека разликите помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе останат, но кога е Струга во прашање разлики нема да има.
–Ќе бидеме до крај целосно политички противници, освен во Струга. Тоа го правиме заради вас. Тоа вие како наши заеднички претставници и утре носители на локалната власт им го должите на стружани и стружанки.-додаде Ивановски.
Тој рече рече дека поделби на наши и ваши, на македонци и албанци не смее да има и затоа треба да се тропне во секој дом.
-Ќе ве замолам во преостанатите неколку дена да се слушаат само три збора: Победа, Струга, Македонија.-заврши Ивановски.
Носителот на листата, социјадемократот Ристе Чушкоски ги повика граѓаните на Струга на 24 март масовно да излезат на избори и да гласаат за кандидатите на заедничката коалиција, за подобра иднина на општината и сите нејзини граѓани.
-Заеднички да одлучиме за нашето постоење, за нашите поколенија и иднина. Затоа секој глас е глас за нашите деца. Зрело и одлучно на 24 март доверете го градот, развојот и опстанокот на општината на листата за советници со реден број 5 и нашиот градоначачник со реден број 19.-рече Чушкоски.
На конвенцијата на која отсуствуваше вообичаениот партиски декор, се обрати кандидатот за градоначалник Владо Кочоски. Тој истакна дека по 24 март во Струга конечно мора да завладее правната држава и затоа од суштинско значење е граѓаните да ги поддржат заедничаките кандидати на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.
– Денес сите ние заедно мора храбро да тргнеме во победа за подобра, праведна, просперитетна општина во која секој граѓанин ќе има еднакви права и еднакви можности ќе може да се школува, вработи и заработува со што ќе може да си обезбеди пристоен живот. Ние сите заедно сплотени сме силата која ќе го смени изгледот на денешна Струга.-истакна Кочоски.
Мотото на кампањата на зедничките кандидати на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со која ќе се обидат да ги придобијат гласовите на граѓаните во градот на Дрим е „Струга на сите Стружани“.