Кадровските решенија за заменици министри за кои денеска се расправа во законодавниот дом, предизвикаа жестока дебата меѓу пратениците од ДУИ и ДПА.
 
Тензиите достигнаа кулминација на само неколку минути пред едночасовната пауза на седницата, кога беше избегната физичка пресметка меѓу пратениците од албанскиот блок.
 
Талат Џафери од ДУИ, реплицирајќи и на Мерал Ферати од ДПА која ги критикуваше кадровските решенија за заменици-министри на ДУИ праша дали има, како што рече, „маженца“ во редовите на ДПА.

На тоа Орхан Ибраими од ДПА стана и му ги тргна микрофоните на Џафери.

Во тој момент скокнаа и пратениците на ДУИ и на ДПА, а собранискиот спикер Трајко Вељаноски го повика обезбедувањето и даде пауза.

Откако обезбедувањето влезе во салата страстите меѓу пратениците се смирија.

Парламентарците денеска расправаат за предложениот состав на заменици министри.
Опозицијата критикуваше дека предложените заменици министри се стари фигури на шаховската табла на премиерот Никола Груевски.

OhridNews
извор: Makfaks