Во 19 часот сите 73 избирачки места беа навреме затворени, потврди претседателката на Општинската изборна комисија, Марика Ангелеска, која веднаш по затварањето на гласачките места немаше информација колкав е процентот на излезени гласачи до 19 часот.

„Изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера. без инциденти, секаде се гласаше, a за малите неправилности сме навреме известени и се е регулирано“, изјави Ангелеска.


Според податоците на аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ од вкупно 53.892 гласачи до 18.30 часот своето право да гласаат го оствариле 31.475 гласачи, односно 58.40 %.

„Не се забележани проблеми на избирачките места“, велат од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ.

Општинскиот изборен штаб на СДСМ вечерва соопшти дека според нивните анализи на теренот, до 19 часот на гласање излегле 33 265 граѓани, или 61,6 проценти од вкупно запишаните. И во СДСМ немаат забелешки за текот на изборниот процес.


Членовите на општинската изборна комисија вечерва го примаат изборниот материјал кој ќе биде предаден од страна на избирачките одбори.

Во Охрид се гласаше на 73 избирачки места кои беа отворени точно навреме, освен во селото Скребатно, каде што гласачкото место е отворено со извесно задоцнување, а изборниот материјал, заради снегот, беше доставен совозио на центарот за управување со кризи.


Во ОИК ја потврдија и нерегуларноста во избирачкото место 1308-Воска каде што час и половина по отварањето на гласачкото место, граѓаните се потпишувале само на еден список, а гласале во двата изборни циклуса. За оваа нерегуларност, како што соопшти претседателката на ОИК, Ангелеска,е направен записник, а гласањето продожило нормално.

Ohridnews