Не стивнуваат реакциите во јавноста по објавувањето на информацијата од страна на американскиот амбасадор Џес Бејли за големите бонуси кои на нетранспарентен начин си ги поделиле членовите на Државната изборна комисија – ДИК. И додека тие без и малку двоумење решиле богато да се наградат за својот труд, членови на изборните одбори во Охрид се’ уште ги чекаат дневниците за ангажирањето на локалните избори. Некои од нив на терен беа и десеттици километри подалеку од местото за живеење и работеа во субстандардни услови. Последно им било ветено дека исплатата на дневниците за изборниот ангажман ќе започне од понеделник.
Никој не го оспорува професионалниот ангажман и вложениот труд на членовите на ДИК, но постојат морални дилеми околу високите надоместоци што тие си ги поделиле како бонус за својата одговорна работа, дотолку повеќе што нашето општество е сиромашно, посочуваат аналитичарите. Дел од нив сметааат дека членовите на ДИК екстра парите треба да ги вратат во буџетот, оценувајќи ги како крајно лицемерни најавите за донирање на средствата во хумани и други цели.
„Чии пари донираат бесрамниците од ДИК!? Чичаковски го донирал бонусот од 260.000 денари на лица со посебни потреби!? Ве праша ли вас, драги мои (ај не морал и мене!) каде да ги донира вашите и нашите пари? Со наши пари, ли, ќе “продава хуманизам”!? Има за тоа институции кои водат грижа за лицата со посебни потреби.“ – напиша меѓу другото во коментар на својот Фејсбук профил новинарот и аналитичар Веле Митаноски.
Дел од експертската јавност, пак, го оспорува правото на екстра бонуси за членовите на ДИК, посочувајќи дека тие извршуваат јавни функции за што се добро платени за македонски услови.
И додека јавноста жестокот коментира, дел од членовите на ДИК најавија дека немаат намера да ги вратат земените пари од бонусите, бидејќи според нив истите ги заслужиле.
OhridNews