OhridNews и читателите ќе ја изберат личноста на годината која остави најголем белег со своето општествено делување изминатата година. Локални херои и авторитетни личности има многу, а ние се одлучивме за десетмина за кои сметаме дека со својата посветена работа, професионализам и залагање се вистински пример во заедницата. Гласањето е во тек на фан страната на OhridNews на Facebook и ќе трае до 31.12. 2012 до пладне по што јавно ќе биде објавена личноста на годината во Охрид за 2012-та.
Кандидати за личност на годината се:
Сашо Точков – Годинава реизбран за претседател на општинскиот Црвен крст, иницијатор на бројни проекти за ранливите категории граѓани, за превентивната здравствена заштита, за безбедноста на вода и планина. Под негово раководство, оваа установа години наназад се вбројува меѓу најактивните општини кога станува збор за организираните хуманитарни и крводарителски акции и собрани единици крв.
Никола Тодороски – Познатиот охридски актер и стенд ап комичар, годинава ги полни арените на своите настапи, а незамнлив дел е и од претставите на Охридскиот народен театар. Неодамна ја сними и третата сезона од популарната веб комедија „Идиотека“.
Славе Ѓорго Димоски-Овој поет зад себе има 30-годишен поетски и есеистички опус. Неговите дела се меѓународно наградувани низ цела Европа. Добитник е на „Гранд при за европска поезија“ во Романија, а годинава се закити и со високиот орден „Сергеј Есениен“ во Москва. Книгите на овој наш поет во изминативе години се преведени на повеќе од 30 светски јазици. Основач е на манифестацијата „Поетска ноќ“ во Велестово, претсефател не на УО на „Струшките вечери на поезијата“, а годинава ја доби и Свети Климентовата награда за животно дело.
Ацо Тасески – Храбриот охридски пожарникар кој не се штедеше себе си при бројните интервенции. Спасуваше човечки животи од опожарениот Студентски дом и домови на охриѓани зафатени од огнена стихија.
Емилија Маринова – Музички уметник, професор во ОМУ „Методи Патче“ , „лавица“ и пред се голем хуманист. Во Рим таа оваа година одржа два хуманитарни концерти, а собраните средства од нив беа донирани за помош на социјално загрозени граѓани и купување на клавир за млади музички таленти од Охрид. Организатор беше и на повеќе хуманитарни концерти во Охрид за помош на ранливи категории граѓани.
Ели Аиноска Христовска– Ликовната уметница Ели Аиноска-Христовска е магистер на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје. Има остварено бројни самостојни изложби , учествувано на повеќе групни изложби во земјата и странство. Неодамна нејзини дела беа претставени и на изложба во Фиренца- Италија. Дел е од Центарот за Културен Проток ,,АРТерија” од Охрид.
Сашо Лескароски – Повеќе од успешна година за младиот охридски боксер. На најстариот турнир во Македонија, “Златен Гонг“ охриѓанецот го освои сребрениот медал додека во македонскиот шампионат Лескароски неприкосновено стигна до титулата.
Горан Андоноски и РК Охрид 2011 го вратија ракометниот сјај во Охрид. Охридската публика живее за натпреварите на РК Охрид на домашен терен, а во полн погон се и младинските категории.
Жанко З’ш Голабоски – Познатиот охридски водител од неодамна е косопственик на Гинисов рекорд за најдолг радио маратон. Првиот радио глас во градот од есенва е и заштитно лице на Наша тв. Основач е на велосипедистиочкиот клуб „З’ш Точак“ кој реди успеси на државните првенства.
Милутин Секулоски – Меѓународен нуркачки инструктор, предводник на акцијата за деминирање на Охридското Езеро. Активен е во бројни еколошки проекти и акции за чистење на Езерото, хуманитарец. Годинава ја реализираше Првата изложба на подводни фотографии во Македонија.
За еден од кандидатите може да гласте на: http://www.facebook.com/ohridnews
Изборот на личност на годината во Охрид за 2012 година ќе се изврши врз основа на гласањето на читателите на OhridNews и жири комисија составена од професионалци од повеќе области.