
Вчерашните избори ги исполнија меѓународните стандарди за демократски избори, и се голем чекор напред во однос на минатогодишните избори на кои имаше инциденти и една жртва, е прелиминарната оценка на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
Меѓународните набљудувачи укажаа и на одредени пропусти во првиот изборен круг, а особена загриженост беше искажана за бројот на евидентирани гласачи во Единствениот избирачки список. Земја со едвај над 2 милиони жители има над 1,8 милиони избирачи што е малку зачудувачки, сметаат странските набљудувачи, кои очекуваат избирачките списоци да бидат добро проверени.
Во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР се наведува постигнатиот напредок со одржување на избори според меѓународните стандарди, но и очекување дека во вториот круг од изборите ќе бидат елиминирани посочените неправилности воочени на вчерашниот изборен ден.











