Предвремените избори на чекор до одложување. Само ВМРО-ДПМНЕ доставила листа со предлози за избирачки одбори. ДУИ и ДПА тоа не го сториле во законскиот рок, а СДСМ претходно најави дека нема да учествува на изборите, објави „Телма“

Од ДИК велат дека тоа е јасна порака но не и дефинитивен став на трите партии дека нема да учествуваат на изборите. Роковите може да се поместат, а партиските членови да се вратат во избирачките одбори. ДУИ ги повика политичарите да отстапат од партиските интереси. Убедени се дека кое било еднострано решение може да ја доведе државата во уште подлабока криза.Токму од тие причини не делегирале свои членови во избирачките одбори.

Лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев на својот фејсбук профил напиша дека зборот е збор и никој нема право да ги уценува граѓаните повторувајќи ги барањата за одржување избори.

-Иванов да ги повлече сите срамни одлуки за помилување што ги донесе по нарачка на Никола Груевски, спротивно на Уставот и законите. Да се свика Собранието за да ја повлече одлуката за одржување на избори на 5-ти јуни поради неисполнети клучни услови за регуларни, слободни, фер, и кредибилни избори, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Од  ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот изборите да се одржат на 5-ти Јуни бидејќи врвен интерес на партијата е да се излезе од кризата. Ставот за аболицијата останува ист. Тие биле правата партија која преку заедничко  писмо побарале Иванов да ја преиспита својата одлука.

-Прекинувањето на кривичните постапки не е во согласност со политиките на партијата, секој што сторил каков било криминал да одговара за тоа, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

ДПА досега не соопшти дали ќе учествува на изборите  а лидерот на партијата Мендух Тачи на неколку наврати изјави дека не се исполнети условите за нивно фер и регуларно одржување.   Политичките партии го очекуваат и вториот потег на излез од кризата, Претседателот Иванов да ја повлече аболицијата. Претседателот на Парламентот, Трајко Вељановски има можност да свика седница но само доколку претходно Уставниот суд оцени дека распуштањето на законодавниот дом било неуставно. Правниците со кои контактиравме не можат да дадат издржана правна препорака како институциите сега да постапат,а тоа да биде законско и уставно, затоа што велат, политиката длабоко го презеде правото во земјава.

OhridNews
Извор:„Телма“