Дилеми повеќе нема. Локалните избори ќе се одржат во законски предвидениот термин на 24-ти март, а на нив нема да учествува здружената опозцијата, или најголемиот дел од неа. Откако власта го одби нејзиниот предлог за пролонгирање на локалните избори за еден месец и условот за распишување на предвремени парламентрани избори, опозцијата не прифати пролонгирање на рокот за пријавување на кандидати за градоначалници и советнички листи.

Но бојкотот на опозцијата не значи дека нема да има политичка битка. Напротив, очекувањата се дека власта и опозцијата наместо во промоција на кндидатите и програмите, своите пропагандни машинерии во предизборниот период  ќе ги насочат кон членството, симпатизерите и неопределените граѓани да излезат, односно да не излезат на избори.

Според правилата утврдени во Изборниот законик, во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список во дадената општина. Доколку за градоначалник е предложен само еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови, тогаш се повторува целата постапка.

На последните избори (2011 година) во единствениот избирачки список во општина Охрид  беа запишани 54.437 лица со право на глас, што значи дека грубо пресметано за да бидат успешни локалните избори треба да излезат минимум 18.146 гласачи. Ова добро го знаат и владејачката и опозициската коалиција. И едните и другите во последните јавни настапи се задржаа на овој момент. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никокла Груевски на промоцијата на кандидатот за градоначалник на Охрид д-р Никола Бакрачески, што се одржа минатата недела во Центариот за култура, го повика членството и граѓаните масовно да излезат на претстојните локални избори.

Се уште актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, пак, на последниот граѓански парламент организиаран од опозцијата, исто така минатата недела, истакна дека избори без опозицијата нема да има. Каква стратегија (сценарио) има опозцијата, а како ќе одговори власта, ќе се знае многу скоро. Но едно е сигурно, најавениот бојкот на локалните избори, нема да значи целосно повлекување на опозцијата од политичката сцена. Напротив, се очекува силна политичката борба помеѓу коалициите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, која традиционално е најжестока токму во Охрид. Прашање е само колку далеку се подготвени да одат и едните и другите. Политичката штета во однос на евроатланстките интеграции на земјата веќе е направена, останува да се види дали партиите  ќе се насочат кон нормализирање на состојбите или кризата ќе се продлабочи, со сите можни ризици и последици по севкупното живеење.

Горан Момироски