Охриѓанецот Мирко Иваноски (96) кој е роден на 17 ноември 1919 година е прогласен за најстар жител во општините Охрид и Дебарца врз основа на конкурсот кој го објави охридскиот Црвен крст, како дел од активностите за одбележување на Неделата за грижа на стари лица.

За брачен пар со најмногу години поминати заедно, во рамки на истиот конкурс се избрани Костадина и Душан Лошкоски од село Оровник, општина Дебарца, кои во брак стапиле на 15 февруари 1949 година и имаат 66 години брачен стаж.

Тие добија пригодни подароци и признанија во рамки на настанот „За сончева есен на животот“ кој се одржа вчеравачер  во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Во рамки на манифестацијата со која модерираше актерот Љупчо Тодоровски-Упа на сцената настапија членовите на КУД „Далги“ кое функционира во рамки на Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца, а на сцената настапија и младите од  Драмско-рецитаторската група „Развигорче“ со изведба на хумористични драмски текстови и стихови.

Пред публиката се претставија и 8 поети-рецитатори, во придружба на гитараското трио на млади волонтери на Црвениот крст. Настанот беше заокружен од аматерската театарска група „Вдиши Театар“  од охридскито Црвен крст, во музичка придружба на ансамблот „Билјана Јуниор“.

Инаку како дел од активностите на Неделата за грижа на стари лица, во текот на утрешниот ден, екипи на  Црвениот крст заедно со медицински тимови, ќе организираат бесплатни здравствени прегледи за старите и изнемоштени лица во општина Дебрца, кои ќе ги посетат во нивните домови. Исто така според најавите, ќе бидат поставени и пунктови за бесплатни прегледи на подрачјето на Охрид.

OhridNews