Охридските семејства Неданоски, Шапкаровски и Дервушоски ги добија наградите од локалната самоуправа за најубаво украсени дворови на објавениот конкурс кој годинава по четврти пат го распиша општина Охрид.
Првонаградениот двор на семејството Неданоски
Второнаградениот двор на сем.Шапкаровски
Третонаградениот двор на сем. Дервушоски
Од вкупно пријавените 12, комисијата ги избра дворовите на овие три семејства, бидејќи се истакнувале по креативноста и големиот број украси. Секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски, кој ги додели наградите, истакна дека радува фактот што од година во година се поголем е бројот на граѓани кои ги украсуваат своите домови и дворови за божикните и новогодишни празници.
– Секој од нас, секое семејство го украсува својот дом, но најголем број од нас ги украсуваме внатрешните делови од домот. Ме радува тоа што се зголемува бројот на граѓани кои ги украсуваат и дворовите, балконите, терасите, прозорите. Со тоа и градот изгледа поубаво за празниците и придонесува да се оствари целта- Охрид да е најубаво украсен град, истакна секретарот Бежоски.
Првата награда годинава отиде во рацете на семејството Неданоски, кои во изборот учествуваа и минатата година и ја освоија втората награда.
– Украсувам од многу одамна, можеби 15 години. Минатогодишната награда ми даде поттик да продолжам и понатаму. Имаме традиција да го украсуваме дворот и со тоа не само што го разубавуваме нашиот двор туку и околината, населбата и градот. По нашата улица минуваат многу луѓе, застануваат, сликаат, имаме и голем Дедо Мраз висок 4 метра. Ми помагаат внукот Александар и неговата сопруга Теодора. Јас порано сам украсував, но сега ним им препуштам, тие се главните креатори. Се надевам и после нас ќе продолжат да украсуваат, изјави Наумче Неданоски.
Првата награда за најубаво украсен двор изнесува 10.000 денари, втората 6.000 денари и третата 4.000 денари.
OhridNews














