Советниците на Општина Охрид на денешната одржана 32-ра Седница на совет го изгласаа ребалансот на буџетот со кој се обезбедија средства за исплата на долгови кон доверители. Советниците од опозицијата со став дека се прават многу ребаланси на буџетот годишно, додека од владејачкото мнозинство уверуваат дека сметката на Општина Охрид ќе биде одблокирана следната година.

Советникот Ванчо Костоски истакна дека се работи за уште еден од низата ребаланси на буџетот на Општина Охрид, петти или шести по ред, иако, потенцираше во минатото имало критики за два до три ребаланси и нормално бидејќи најголем дел од овие ребаланси и поготово денешниот се прават со запленувањето на парите или извршување на средствата од буџетот на Општина Охрид.

Бидејќи сега е веќе доцна за овој буџет, мој предлог за во иднина, бидејќи искуството покажува дека некаде 100 милиони денари се досега извршени, а до крај на годината и овој износ сигурно ќе се зголеми, што е голема сума и прави поголеми проблеми во проекцијата и спроведувањето на буџетот и соодветните програми, да се предвиде посебна ставка во буџетот во која ќе се стави колку се очекуваат средства да се извршат, барем 70-80% за отплаќање на стари долгови. Ова за да не доаѓаме во ситуација да правиме пет-шест ребаланси. Сигурно уште еден ќе има во ноември ако не и два до крај на годината. Кога ќе се има ваква ставка извршителите и банките ќе земаат средства од оваа ставка и нема да се земаат средства од програмите како денес кои се на дневен ред. Секоја програма ќе се знае дека 100% ќе се реализира. Со ова враќаме стари долгови но создаваме и нови обврски, ако се предвидени тендери неможе да се обезбедат средства овие месеци и за сработени работи нема да имаме средства за исплаќање. Да се предвиде ставка отплата на стари долгови, додава Костоски.

Советничката Живка Ангелоска изрази уверување дека измените на еден дел од програмите и измени на буџетот за 2023 година кои се предизвикани главно од веќе извршена заплена, но и очекувана заплена на извршни средства од буџетот на Општина Охрид се во рамки на законската регулатива.

Со оглед на образложенијата кои ги имаме во дел од програмите, бидејќи се бришат цели содржини и ставки, и се дава појаснување дека било неминовно ова бришење, но со постигнување на финансиската консолидација истите повторно ќе се вметнат со новиот ребаланс на буџетот се наметнува прашањето уште колку ребаланси на буџетот да очекуваме до крајот на годината и дали локалната власт планира секој месец да ја менува структурата на буџетот? На некој начин со ова образложение од стручните служби имале намера да не убедат дека активност која е планирана ќе биде реализирана, вели Ангелоска.

Знаеме сите дека Општина Охрид работи со блокирана сметка и добро е кога ќе се каже што треба да се прави, но со зголемувањето на платите и другите трошоци реалноста е дека општината има многу малку средства во текот на месецот за исплата како за тековни трошоци, така и за стари долгови, рече претседателот на Советот, Сашо Донев.

Токму затоа е направен овој ребаланс да се спасат отприлика 15 милиони денари кои реалност е да се очекува дека ќе бидат извршени во идниот период, а со тоа ќе се стигне до реализација над 75% на буџетот што законски ни дозволува да бараме зголемување на буџетот во висина од 40 милиони денари до Нова година со барање до Министерството за финасии. Значи овој ребаланс не е за до крај на годината, односно е ребаланс кој што ќе ни овозможи во ноември или крајот на октомври да имаме уште еден со дополнителни 40 милиони денари. Со истиот ќе се овозможи за сите ставки кои сега се кратат да бидат обезбедени дополнителни средства. Убеден сум дека по овој буџет ќе имаме буџет со кој конечно ќе можеме да ја раздолжиме Општина Охрид и после 30 години Општина Охрид ќе има одблокирана сметка. После Нова година долгот на Општина Охрид ќе биде издржлив по однос на исплаќање на рати и преговарање со доверители. По финансиската анализа после Нова година ќе имаме доволно средства за да може конечно кон средината на 2024 година да ја одблокираме сметката на Општина Охрид, додаде Донев.

Н.С.Ј.