Изгласан ребалансот на Буџетот за 2022 година од страна на советниците на одржаната четиринаесета седница на Совет на Општина Охрид.
Со ребалансот на буџетот за 2022 година се постигнува уште повисок квалитет на јавните услуги, повисок степен на економски развој и подобрување на животниот стандард во Охрид. Локалната самоуправа покажува капацитет за справување со проблемите и потребите на граѓаните односно докажува како треба да изгледа вистинската грижа за охриѓани, рече Перчо Божиновски, координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ.
Кога станува збор за програмите тоа што е карактеристично е дека со ребалансот се зголемуваат средствата за одржување и заштита на локални улица и патишта и регулирање на режимот на сообраќај, изградба на сообраќајна сигнализација, системи за водоснабдување, системи за одведување и пречистување на отпадни води, културни манифестации и творештво, основно и средно образование, капитални расходи за средно образование, спорт и рекреација, како и унапредување на здравствената заштита. Во Програмата за култура се зголемуваат средствата за 1 200 000 денари за поддршка на фестивал на виното и музиката кој ќе се одржи во септември. Се додаваат дополнителни средства за спортски клубови, школи, поддршка на спортисти индивидуалци и клубови за подводни дејности, вели Божиновски.

Се обезбедуваат, исто така, и дополнителни средства за реконструкција и санација на улици во населба Радојца Новичиќ, реконструкција на дел од улицата „7-ми Ноември“, се зголемува износот за реконструкција на улицата „Ѓорче Петров“, за изградба на тоалети во Програмата за уредување на градежно земјиште, изградба на простор за рекреација. Останува изработка на проектна документација за пречистителна станица во Трпејца, а се обезбедуваат дополнителни средства и за изградба на улични водоводни линиии во село Лескоец и набавка и поставување на пумпна станица во Шиопкно. Во однос на Програмата за одведување и прочистување на отпадна вода се дозволува и се зголемува износот на учество на Општината при изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација на улицата „Гоце Делчев“, информира Божиновски.
Низа забелешки за ребалансот на Буџетот од страна на опозицијата. Живка Ангелоска, координатор на советничка група на СДСМ, истакна дека забелешките во однос на ребалансот на Буџетот за 2022 година биле насочени кон оние програми каде се кратат средствата за капитални инвестиции наспроти непродуктивните трошоци и во оние програми каде се содржани програмски активности кои уште од самиот почеток се осудени на неуспех односно претставуваат само декор за визуелен ефект.
Бевме сведоци и во претходниот период дека со одлуки за измена на средствата во Буџетот беа бришени такви програмски активности, а истото се случува и со самиот ребаланс. Верувам дека со крајот на календарската година, а гледајќи до каде е стигната реализацијата на програмските актвности, може да очекуваме уште отстранување на ветените проекти од страна на локалната власт. Конкретно најголеми забелешки имаме во Програмата за култура каде се отстранува проектот за реконструкција на Домот на култура во населбата Радојца Новичиќ и Домот на култура во Долно Лакочереј, со едноставено објасување дека не се решени имотно правните односи, а сите знаеме дека кога се подготвува еден проект треба да се земат предвид сите законски обврски. Токму во оваа Програма предвидени се околу 20 илјади евра за фестивалот на виното и музиката. Живееме година во најголемата глобална светска економска криза и сите средства треба добро да бидат предвидени, нема простор локалната власта на комодитет и да прави обиди дали одреда манифестација ќе заживее, ниту да издава инфраструктурни простори без надоместок, вели Ангелоска.
Додава дека забелешки, исто така, имаат и во однос на Програмата за локален економски развој и туризам, бидејќи најмногу содржат програмски активности од едукативен карактер и не ја отсликуваат реалната потреба на чинителите на економскиот и туристичко-угостителскиот сектор.
Програмата за туризам посебно во град како Охрид треба да претставува водач во сите програми, најбогата и да се изготвува заедно со чинителите од туристичко-угостителскиот сектор. Овде имаме оптоварување на буџетот со средства за учество на проекти на Општината, а логички е доколку се зголемуваат средствата за апликација и учество на проекти и бенефитот да биде сразмерно поголем во однос на вложените средства. Но, за жал не гледаме бенефит. Токму поради ова, на крајот на годината ќе бараме извештај од спроведените обуки и средствата кои се наменети за апликации за проекти, за да видиме дали со овие средства се постигнува одредена цел. Предмет на забелешка беше и Програмата за изработка на урбанистички проекти каде средствата се намалени во износ од 1 милион денари, а локалната власт најавуваше донесување на што повеќе урбанистички планови. За очекување е да имаме поголем ефект со оглед и на формираната Комисија како и зголемување на средствата, а не намалување, потенцира Ангелоска.

Постојат и програми кои ги пофаливме и ја дадовме поддршката, во областа на образованието, детската, социјална и здравствена заштита. Оној тренд кој го започна и претходната власт на максимално вложување во образованието продолжува и понатаму како резулатат на добрата соработка на општинската и централната власт, каде дотациите од централната власт се доста зголемени, дури и ги покриваат режиските трошоци во Програмата за детска заштита. Како советници од СДСМ и во перидот кој следува нашите критики ќе бидат конструктивни, не злонамерни, за да бидат донесени покорисни, поефикасни одлуки, но и да го пофалиме тоа што е позитивно се во насока на зголемување на квалитетот на живеење во Општината, додава Ангелоска.
Со мнозинство гласови беа усвоени и Предлог-одлуката за усвојување на програмата за работа на Советот за заштита на потрошувачите на општина Охрид за период 2022 – 2023 година, Предлог-одлуката за отстапување на користење паркинг простор од општина Охрид на ЈП „Билјанини извори“ Охрид и Предлог-одлуката за престанување на важност на одлуката за давање согласност на одлуката за отстапување на правото на користење и управување со недвижности од ЈП„Охридски комуналец“ Охрид на ЈП„Погребни услуги“ Охрид и одлуката за отстапување на право на сопственост на недвижен имот – полигон за обука на возачи од ЈП „Погребни услуги“ Охрид на ЈП „Градски гробишта“ Охрид.
Н.С.Ј.













