Собранието на Република Македонија попладнево на 31-вата седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, кој е дел од пакетот седум образовни закони, кои исто така беа донесени на денешната седница.

За државниот испит ќе има пробна година, што вчера беше побарано од Ректорската управа на УКИМ. Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми го прифати амандманот со кој се дополни предлог-законот – државниот испит што ќе го полагаат студентите, првата година да се спроведе како пилот-проект.

-За МОН и Владата овој амандман е прифатлив. Станува збор за организирање пилот-државен испит пред да се спроведе. Резултатите од пилот-државниот испит нема да имаат правни последици за тие што ќе бидат опфатени со него. А за тоа кои факултети, кои универзитети, студенти и кои студиски проограми ќе бидат опфатени во пилот-државниот испит ќе се усогласи со Одборот за акредитација и евалуација, рече Адеми, пренесе МИА.

За бенефитите од реформите во образованието зборуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Александар Николовски рече дека е недозволива и неодржлива ситуација да излегуваат се повеќе дипломирани, а сo помалку знаење.

-Мора да бидеме објективни дека на приватните, а и на држвните универзитети, се помалку има квалитет и се повеќе подарени оценки.  Државниот испит е извонредно добар механизам да видиме дали професорите правилно ги оценуваат студентите, рече Николовски.

Во попладневниот дел од седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за основното образование и Законот за средно образование, Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (закон за педагошки факултети).

OhridNews

Извор: МИА