По бурна расправа на која советниците од опозицијата бараа објаснување за што ќе бидат примени нови лица, кои се тие нови надлежности на ЈП-ја, до таму дека се надеваат дека не станува збор за партиски вработувања, беа изгласани годишните планови за вработувања во ЈП-ја за 2024 година на денешната 31-ва седница на Совет.
Од владејачкото мнозинство со став дека не станува збор за партиски вработувања и дека некои од ЈП-ја имаат изработени нови систематизации за намалување на бројот на вработените, но истите не се одобрени од надлежните иснтитуции.
Менаџерските тимови на ЈП-ја според плановите за вработување што ги гледаме очигледно сметаа дека можат да издржат и имаат финансиски средства па токму поради тоа ни даваат едни луксузни, грандиозни планови за вработувања. Во 2024 година во ЈП-ја во Општина Охрид треба да се вработат вкупно 58 нови вработени, рапоредени 7 во ЈП Нискоградба, 16 во ЈП Охридски Комуналец, 5 во ЈП Градски гробишта, 6 во ЈП Градски Пазар, 9 во ЈП Водовод и 15 во ЈП Билјанини Извори. Напоменувам дека плановите за вработување ги опфаќаат оние работни односи кои се планира да бидат реализирани и се на неопределено работно време. Во овие бројќи не влегуваат работниците кои се веќе ангажирани на определено работно време. Покрај новите вработувања има и многу унапредувања, наведувајќи несоодветни причини. Многу се интересни објаснувањата на три претпријатија зошто вработуваат нови лица, наведувајќи ги зголемениот обем на надлежности и зголемениот обем на работа, рече советничката Живка Ангелоска.
Побара објаснување од директорот на ЈП Нискоградба за тоа кои надлежности плус ги добила институцијата за нови вработувања. Од друга страна вели во ЈП Градски гробишта има само еден општ работник, потенцирајќи дека потребни се општи работници, градежни за квалитена услуга.
Можевме да очекуваме со приливот на средства поголема финансиска стабилност, зголемување на квалитетот на услугите, но умира и таа надеж зошто други се насоките, се дуплираат вработените, се создаваат нови работни места. Точно е дека ова не се случило сега со децении се случува. Еднаш треба да се прекина, да се стават на здрави нози ЈП-ја. Добро е да се почитуваат парите кои ги наплатуваат јавните претпријатија и да се почитува девизата „од граѓаните за граѓаните“, а не да се преоптоварува буџетот и да ги става во независна положба и оние луѓе кои веќе се вработени таму, додаде Ангелоска.
Директорот на ЈП Нискоградба, Александар Трпеноски истакна дека имаат пет работни места поради зголемен обем на работа кои биле празни или по основ на пензионирање од претходните години останале празни.
Што не значи дека ќе се пополнат во тековната година, може но не значи дека ќе се пополнат. Местата се празни и ако има зголемен обем на работата местата се активираат, бригадири, канализациони и општи работници, додаде Трпеноски.
Во врска со плановите за нови вработувања колку што можев да разгледам има околу десетина пензионирања, а предвидени околу 60 вработувања рече советничката Виолета Аврамоска.
Искрено се надевам дека не се партиски вработувања, но праксата во изминативе 30-тина години покажува дека токму јавните претпријатија се превработени поради партиските вработувања, што е една од причините за долгот на Општината Охрид со која стана и една од најзадолжените општини во Р. Македонија. Тоа е долг кој ќе се натовари на грбот на граѓаните кои треба да го плаќаат криминалот на досегашните корумпирани раководители на ЈП-ја, членовите на управните и извршни одбори, а се надевам по завршувањето на мандатот на оваа локална нема да се дискутира овде на истиот начин и за сегашните раководители. Ќе се натовари на грбот на граѓаните и зголемувањето на цените на услугите, а треба да се има во предвид дека и сите овие вработувања ги плаќа работничката класа, ги плаќаат приватните работодавачи кои често пати се доведени во ситуација да се експлоатираат самите себе, односно ги плаќаат граѓаните на Охрид, а не нивите матични партии. Не случајно го поставив прашањето за причините за бројот на намалување на учениците во паралелките. Тоа е белата чума која ја зафати Македонија и Охрид. И верувајте дека една од причините за иселување на младите од Охрид се токму партиските вработувања и нивната неможност да се оставрат како стручни во областа во која стекнале образование. Се надевам дека ова не се само партиски вработувања, додаде Аврамоска.
Советникот Сашо Донев образложуваќи ги изнесувањата на Аврамоска рече дека не станува збор за партиски вработувања во ЈП-ја посочувајќи и на нивни член вработен во ЈП Охридски Комуналец.
Значи не се тоа луѓе стрикно од нашата партија кои треба да бидат згрижени. 80% од предложените вработувања во ЈП Охридски Комуналец се за подигачи и одржувачи на улици и патишта. Не само што не можеме да најдеме луѓе за работа бидејќи нема, туку и тие кои имаат решенија даваат откази и бараат друга работа. Тоа е проблем со кој се соочуваат сите претпријатија. Согласно Закон за да може некое ЈП-ја да ангажира луѓе треба да постои систематизација. Истите се донесени пред две-три години и ако ги отворите, еве конкретно во ЈП Билјанини Извори таму има десет слободни места за раководители на одделенија. Зошто сте дозволиле да се носат вакви систематизација?, рече Донев.
Потенцираше дека за да се ангажираат луѓе треба да се направат систематизации, додавајќи дека истите претходно биле свесно направени, но тоа што се случило на локалните избори никој не го очекувал.
ЈП Водовод изготви нова систематизација со која се намалува бројот на вработени и од Министерството за информатичко општество една година не е добиено одобрение. ЈП Нискоградба изготви нова систематизација со која се намалуваат работните места и ние не добиваме согласност од надлежните институции. Се обвинуваме сега дека сме ги преполниле јавните претпријатија. Напротив и локалната самоуправа изготвува систематизација со која се намалува бројот на вработени, не се зголемува и тоа ќе го видите во идниот период. Администрација имаме 10% од тоа што е предложено, другите 90% се општи работници, луѓе кои работат на терен, додаде Донев.
На седницата стана збор и за извештаите на ЈП-ја каде беше потенцирана моменталната состојба на претпријатијата, но и предизвикот пред кој ќе се најдат ЈП-ја со исплатата на септемвриската плата зголемена за 10% и исплатата на К-15 за вработените, како и зимските месеци со електричната енергија.
Н.С.Ј.