Опозицијата реагира за повисоките цени и новото право на ЈП „Билјанини Извори“. Од владејачкото мнозинство со став дека со измените на цените се гледало да не бидат засегнати граѓаните во Охрид, а можноста пајак службата на ЈП „Билјанини Извори“ да подига возила без сообраќајната полиција веќе се спроведува и функционира во некои општини.
Стана пракса на секоја седница да се носат нови ценовници, односно да се покачуваат цените на услугите во ЈП-ја. Најпрво ЈП „Охридски Комуналец“, се продолжи со ЈП „Градски пазар“, ЈП „Градски гробишта“ и сега ЈП „Билјанини Извори“, рече на денешната седница на Совет, координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска во врска со изгласаната Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот во ЈП „Билјанини Извори“
Во оваа Одлука не само што постои поскапување на цените, туку се воспоставуваат и нови права за јавното претпријатие и дополнителни обврски за граѓаните. Поскапувањето е во сите три зони. Во Премиум зоната ако се направи една проценка ќе остане иста, што значи граѓаните ќе плаќаат по 100 денари шест месеци, наместо досегашните три месеци по 100 денари од час, а за останите шест месеци има намалување и ќе бидат по 30 денари за час. Но, во зоната А и Б карактеристично е зголемување на цените, каде во зоната А граѓаните ќе плаќаат 40 ден од час шест месеци наместо претходно три месеци и изменети се цените од 20 денари час и 30 денари од час во зоната Б. Сега наместо 20 денари од час за девет месеци, граѓаните ќе плаќаат 40 денари по час шест месеци и 30 денари по час за останатите шест месеци, вели Ангелоска.
Додава дека евидентно е и зголемување на цените за услугите коишто се даваат во сидриштето, каде сопствениците на глисери до 6.5 метри ќе треба да издвојат повеќе средства и ако до сега плаќале за шест месеци 9 000 денари сега ќе плаќаат 16 500 денари, а за цела година доколку плаќале 18 000 денари сега ќе плаќаат 33 000 денари.
Новината е дека мнозинството во Советот му даде ново право на ЈП „Билјанини Извори“ во сегментот на услугите од пајак службата. Досега отстранување и пренесување на непрописно паркирано возило правеше пајак службата, со налог и присуство од сообраќајната полиција. Ова право му се дава на ЈП „Билјанини Извори“ да може во секој момент на своја рака тогаш кога ваквата услуга ќе ја побара нивниот контролор блокатор, да го отстани возилото од паркинг просторот со кој стопанисува претпријатието, без посредство на полицијата, доколку нема платен налог. Сметам дека апсолутно Советот не е надлежен да даде вакво право на едно ЈП, кога веќе сообраќајната полиција не отстранува возила, додаде Ангелоска.
Избрзана е одлуката, вели, додавајќи дека требало да бидат запознаени и самите граѓани, да се развие една јавна дискусија, бидејќи вака се оставаат отворени прашања кој е правниот основ по кој истата може да се реализира.
Доколку го разгледаме Правилникот од ЈП „Билјанини Извори“ подетално ќе видиме дека всушност не станува збор за зголемување на цените односно има прераспределба на времетраењето на периодот и изедначување на летниот и зимскиот период, вели координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ.
Кога го кажувам ова мислам на Премиум зоната каде што всушност се намалува цената од 60 на 30 денари односно во оној период кадешто го карактеризираме како шпиц на сезоната цената останува иста. Но, за останатиот период се намалува. Имаме и уште една одлука каде се изедначува зимскиот и летниот период односно периодот се изедначува на шест месеци. Во однос на Одлуката за цените за паркирање во каналот за пловните објекти, тоа што треба да ги интересира граѓаните е дека се зголемуваат цените само за пловните објекти-глисери, додека за останатите пловни објекти остануваат исти. Со цените кои се доставени со Правилникот имајќи ги предвид и сите кризи и со се што се соочува ЈП, како минималната плата, електричната енергија, горивата, набавката на материјалите, се гледало да не бидат засегнати граѓаните, повеќе да се однесува на оние луѓе кои моментално доаѓаат во Охрид, вели Божиновски.
Во однос на можноста пајак службата на ЈП „Билјании Извори“ да подига возила без сообраќајната полиција вели како Општина во однос на оваа Одлука не сме први и не е новитет, туку веќе се спроведува во Општина Центар.
Правилникот кој функционира таму ќе биде спроведен и тука. Одлуката штом веќе профункционирала во градовите нема проблем и кај нас да се спроведе. Како ќе се реализира ќе видиме на терен, но факт е дека на ЈП треба да му се даде таква можност. Целта е зголемување на наплатата, но и регулирање на сообраќајот, па доколку немаат помош од полицијата да може да реагираат тие на свој начин, додава Божиновски.
На седницата зелено светло советниците дадоа и за Предлог-програма за измени и дополнувања на годишната програма за изработка на урбанистички планови за 2023 година, Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за поставување урбана опрема и времени објекти и за утврдување на висината на надоместокот (закупнина) за 2023 година, како и за утврдување на почетна цена за поставување на урбана опрема, предлог одлуки за утврдување потреба од донесување урабнистичко-плански документации.
Н.С.Ј.














