Утрово пожар изби на просторот над населбата Бараки во Охрид во зоната на Националниот парк Галичица. Пожарот кој настанал од скинат кабел од далновод зафатил ниска вегетација на површина од околу 300 квадрати. Истиот брзо бил изгаснат и според одговорните во националниот парк не предизвикал голема штета.

Веднаш штом бил забележан огнот реагирало локалното население кое заедно со противпожарната единица од Охрид и припадници на ЈУНП „Галичица“ брзо го локализираа пожарот. Ситуацијата е под контрола, а на терен останува дежурна екипа која будно ќе ја следи состојбата, изјави раководителот на секторот за заштита на ЈУНП „Галичица“ Наумче Новески.

Тој истакна дека огнот зафатил сува ниска трева и не предизвикал голема штета во заштитената зона на националниот парк.

Како што веќе објавивме, поради зголемената опасност од пожари во летниот период Националното координативно тело за заштита од пожари деновиве донесе одлука за ограничување на движењето во шуми, што ги опфаќа и националните паркови, каде присуството е дозволено само со одобрение.

Согласно Законот за шуми, казната за физичките лица кои нема да ја почитуваат забраната, односно кои ќе се затекнат како се движат во шума без дадено одобрение од страна на корисникот на шумите, се движи од 2.000 до 3.000 евра, додека за правните лица кои не преземале мерки за заштита на шумите од пожари изнесува од 15 до 20 илјади евра.

OhridNews