Предлог визија за вредностите на Охридскиот регион била изготвена во рамки на Работната сесија од Проектот на УНЕСКО и ЕУ за заштита на природното и културното наследство на регион околу Охридското Езеро, која се одржуваше деновиве во Поградец, Албанија. Во рамки на визијата уште еднаш биле потенцирани вредностите од природен и културен аспект, потребата за нивна заштита и промоција зад кои цврсто застанува УНЕСКО.
-Визијата за Охридскиот регион како уникатна природна и културна вредност недвосмислено мора да опстои и да се надградува. Воспоставувањето прекугранични тела, контактот со Унеско преку Националните комисии и донесените закони и менаџмент планови се добра основа и бедеми за заштита на езерскиот регион, истакнал претставникот од македонска страна Дејан Пановски во своите завршни зборови во рамки на сесијата.
Тој ги потенцирал и големите предизвици и забелешки околу несоодветната урбанизација, деградацијата на крајбрежјето по целата линија на двете страни, (не)грижата за рибниот фонд и односот кон цвстиот отпад за што решението мора да се бара преку зајакнување на институционални механизми и секако зајакнување на инспекцискиот систем.
Од страна на учесниците била нотирана и важноста за инволвираноста на локалните самоуправи ви сите процеси на заштита и промоција на регионот, како и квалитетна обука на кадри за имплементација на тој процес па дури и до предлог за воведување на студии за управување со наследството.
Исто така работната сесија резултирала и со објавување на Базичната студија и проценка за состојбата и вредностита на албанската страна на регионот на Охридското Eзеро. Во рамки на студијата ќе бидат идентификувани специфичните потреби на регионот, но и ќе бидат изработени сценарија за можната состојба на регионот после 20 години, во зависност од тоа дали ќе се превземат мерки за управување или ќе се набљудуваат состојбите кави што се.
OhridNews