Со едночасовна блокада на дел од магистралниот пат Охрид- Кичево, жителите од охридските села Подмоље, Оровник, Требеништа, Мешеишта и Горенци, денеска го искажаа своето незадоволство, како што велат, од процесот на експропријација на земјиштето од околните села за потребите при изградбата на автопатот Охрид- Кичево. Незадоволни се и од тоа што со проектот за автопатот не се предвидени споредни пристапни патишта и пристап до куќите и обработливите површини.
Нивните барања биле претходно испратени до Агенцијата за државни патишта, но не биле исполнети.
– Првото барање е изградба на споредни асфалтирани патишта, паралелно до автопатот заради непречен пристап до куќите и стопанските субјекти изградени покрај постоечкиот пат, како и пристап до обработливите површини од двете страни. Второто барање е утврдување соодветен надомест за земјиштето што подложи на експропријација за селата Оровник, Подмоље, Горенци, Требеништа и Мешеишта, рече Звонимир Страшиќ, жител на Оровник. Страшиќ објасна дека сегашните решенија за експропријација во дел од случаите предвидуваат многу ниска цена на земјиштето- 60 денари за метар квадратен.
Жител од село Горенци укажа на низа нелогични работи околу ескпропријацијата. Рече дека негово земјиште, за кое согласно документацијата што ја поседува и согласно урбанистички план е прогласено за градежно, сега е проценето по цена од 40 денари за метар квадратен. Истото земјиште пред осум години било проценето на вредност од 25 евра за метар квадратен.
Учесниците на протестот најавија дека доколку во рок од пет дена не добијат писмен одговор на нивните барања или не биде остварена средба со надлежните инсититуции, ќе пристапат кон порадикални мерки, како што е и спречување на градежните работи за изградба на автопатот.
OhridNews