Изградбата на автопатот „Мајка Тереза“, се очекува да ја заживее локалната економија во општините Кичево, Дебарца, Охрид, Струга и Вевчани и ќе отвори работа за домашните градежни компании, кои согласно договорот ќе бидат ангажирани како подизведувачи на работите. 

-Изградбата на овој автопат има историска димензија. За општина Охрид оваа инвестиција отвара нов прозорец на можности, а бенефитот од неа ќе биде сеопфатен и долготраен. Најпрвин во периодот на градење ќе претставува можност за ангажирање на градежната оператива и вклучување на локалните фирми во изградбата, а крајниот бенефит ќе дојде со конечното профункционирање на автопатот. Развојот, просперитетот, но и иднината на една општина се тесно поврзани со нејзината конекција со светот. Автопатот Кичево – Охрид претставува основа за поагресивен развој на опшптина Охрид и регионот. Од друга страна Охрид како туристичка дестинација ќе биде лесно достапен за сите туристи.-изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

 Голем бенефит од изградбата на автопатот Кичево – Охрид, очекува и општина Дебарца.

-Денешниот ден претставува почеток на проект кој е исклучително значаен за развојот на општина Дебарца. Преку изградбата на автопатот Кичево – Охрид започнува една нова ера за жителите на општина Дебарца, која ќе добие современ и модерен лик. Ваквиот проект е значаен и за подобрување на секојдневното живеење во општината, која со изградбата на овој современ автопат ќе биде попристапна за сите странски и домашни туристи.-рече градоначалникот на општина Дебарца Игрод Трајкоски.

OhridNews