Изградбата на новите автопати Скопје – Свети Николе – Штип и Кичево – Охрид ќе биде реализирана со исклучитено поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени, соопштија денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, по одлуките од седницата на Владата за усвоените закони за реализација на проектите за автопатите, пренесува „Макфакс“. Изградбата на автопатите ќе придонесе за севкупниот економски развој на државата, првенствено нови работни места за македонските граѓани и многу работа за градежниот сектор во наредните четири години, период во кој ќе трае изградбата. Владата ги усвоила законите за реализација на инфраструктурните објекти за автопатските делници и предлог-договорите со градежната компанија, образложија Пешевски и Јанакиески.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески појасни дека главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 отсто од предвидените работи, а, исто така, и да набави најмалку 49 отсто од градежните материјали од македонски произведувачи. Изведувачот и подизведувачот во текот на изградбата треба да ангажираат, исто така, најмалку 51 отсто македонски државјани.

„Ова значи нови работни места за македонските граѓани и многу работа во градежниот сектор во наредните четири години“, посочи Јанакиески.

Со усвојувањето на законите и официјално започна процедурата за реализација на проектот за изградба на автопатите за коишто постапката почна во март минатата 2012 година на средбата на македонскиот и кинескиот премиер. Тогаш македонската Влада беше информирана дека кинеската држава има ставено на располагање 10 милијарди долари за изградба на инфраструктурни проекти во Источна и Централна Европа.

„Македонија е првата држава којашто ќе успее да искористи дел од оваа кредитна линија и целата постапка што е водена од тогаш досега, односно траеше долго една година, е водена целосно во согласност со меѓународните договори што ги имаме потпишано со Народна Република Кина, но истите дополнително беа засилени од наша страна со цел да се обезбеди поголема транспарентност и поголема конкурентност во процесот со цел да дојдеме до поевтина и што поатркативна понуда за изградба на овие патиштата“, рече вицепремиерот Пешевски.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје – Свети Николе – Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Во договорот има и одредба со која се предвидени десет отсто за дополнителни непредвидени работи.

„Проектот ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 отсто преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка“, рече Пешевски,.

„Условите на кредитот се навистина многу атрактивни. Се работи за кредит со рок на враќање од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од само два отсто процентни поени на годишно ниво“, информираше вицепремиерот Пешевски.

Како што рече, со изградбата на автопатите се дава импулс во неколку сектори, пред сé, стимул за градежништвото што ќе биде директно вклучено во неговата реализација, но ќе значи голем импулс и за туризмот.

„Ќе овозможи полесно поврзување на целата држава, ќе значи поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до центарот на градот и до главните туристички центри, во прв ред, до Охрид и сé што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура“, рече Пешевски. Додаде дека со реализацијата на овие инфраструктурни проекти, но и со претходно започнатите, Владата очекува државата да има уште повисоки стапки на раст на економијата и подобар животен стандард за граѓаните.

Министерот за транспорт и врски Јанакиески се осврна на техничките карактеристики на најавената патна инфраструктура, при што информираше дека автопатот Скопје – Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево – Охрид, пак, во должина од 56,7 километри и вкупна широчина на коловозните ленти од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.

„Реализацијата на овие проекти има цел да ја унапреди и развие патната инфраструктура и тие се едни од покрупните проекти во нашата програма, за постигнување и зголемување на стандардите во делот на патниот сообраќај и побрз и побезбеден транспорт“, рече Јанакиески.

Додаде дека Владата паралелено работи на изградба на автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија – Смоквица со финансии во износ од 220 милиони евра, а во тек е постапката за ангажирање градежна компанија за рехабилитација на патниот правец Велес – Катланово.

„Овие инвестиции заедно со изградбата на обиколницата, и на патниот правец Табановце – Куманово, ја покажува заложбата на Владата за подобрување на патната инфраструктура“, заклучи Јанакиески.

OhridNews
извор:„Макфакс“