Дали  најавената изградба на автопатот Охрид – Кичево ќе ја доживее судбината на амбициозниот проект на Субрата Рој кој беше помпезно најавуван во предизборната кампања за последните избори, прашува ВМРО НП. На прес конференцијата одржана денеска претседателот на ОК ВМРО НП Ванчо Костоски истакна дека  е добро  што Владата почнала да размислува за изградба на патишта и подобрување на инфратсруктурата наместо како што досега трошеше огромни суми пари за споменици. 

-Пред околу година и пол, од владеачката партија изјавуваа дека на граѓаните на Република Македонија не им се потребни автопатишта затоа што граѓаните наводно најмногу користеле локални патишта, како и тоа дека според нивните проценки автопатот од Охрид до Скопје не е исплатлива инвестиција, а денес, пред избори ја промовираат изградбата на автопатот и дека тоа е многу корисно за граѓаните и ќе помогне во развојот на овој регион. Ние и тогаш зборувавме дека треба да се изгради и сега зборуваме дека треба да се изгрди. Се надеваме дека овој проект нема да биде како проектот со Субрата Рој што го најавуваа во предизборната кампања на последните избори.-рече Костоски.

Тој истакна дека цената на овој автопат е скоро двојно повисока од реалната, посочувајќи дека при изградбата на автопатот треба да се отуѓи големо приватно земјиште.

-При експропријација на ова земјиште, Владата на сопствениците им нуди само 30 до 40 денари за метар квадратен. Сметаме дека реалната цена на земјуштето е од 7 до 15 евра и ја повикуваме Владата да ја преиспита оваа одлука. Цената која на нуди владата е помалку од половина процент од цената на автопатот и сметаме дека кога веќе се даваат толку пари за целата изграба, да им се исплати на граѓаните и реалната цена на земјиштето и да не се врши национализација. Само за потсетување, кога се правеше патот кај рача кога премиер беше Љубчо Георгиевски, цената која што таа Влада им ја исплаќаше на граѓаните за нивното земјиште беше од 50 до 80 евра за метар квадратен. – рече Костоски.

Според него се врши манипулација и со ветувањата на помалите фирмите дека ќе им дадат работа во изградбата на автопатот.

-Главниот инвеститор е кинеска фирма која се уште нема внесено ни една машина, што е уште еден показател дека е нешто несериозно во оваа работа, а иако се обврзани за подизведувачите тие ќе бидат големите фирми, а не оние мали фирми на кои им се ветува работа. Ја повикуваме Владата да склучи договор со тие мали фирми на кои им се ветува, а граѓаните кои имаат земјиште на овој простор да поднесат жалби кои ќе им бидат усвоени од новата влада после овие избори.-додаде Костоски.

Реагираше ВМРО ДПМНЕ. Според владејачката партија, ВМРО НП има деконструктивен однос кон се она што е во интерес на Република Македонија.

-ВМРО ДПМНЕ гради витални објекти и реализа витални проекти кои се во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Оттука започнувањето на изградбата на автопатот е историски чин за Република Македонија а особено за општините низ кои ќе поминува и ќе ги поврзува. Започнувањето и завршувањето на автопатот е во даден временски рок. ВМРО ДПМНЕ го разбира стравот на политичките маргиналци со оглед дека ВМРО ДПМНЕ е партија која го остварува ветеното. За тоа најдобро знаат и граѓаните и фирмите кои ќе бидат дел од изградбата на автопатот Кичево – Охрид.Политичката култура очигледно не е нешто што е својствено за народна партија бидејќи очигледна е нивната потреба за барање на медиумски простор во кој се критикува и по она што е најзначајно за нашиот град. Оттука како заклучок може да се донесе дека критиките на Народна партија кон она што преставува значаен проект е директен удар и кон интересите на граѓаните на Република Македонија. -стои во реакцијата. 

OhridNews