Нема алтернатива за изградбата на регионална депонија сметаат екологистите и невладините организации од Струга и Дебар, кои денеска во Центарот на заедниците во Струга зедоа учество на јавната трибина „Како да управуваме со депонијата додека не се изгради регионалната депонија“, што ја организираше Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар.
-Песимисти сме дека регионалната депонија ќе се изгради за брзо време. Во однос на стандардите, тие се општо познати и не треба да се измислува топла вода, тоа треба да биде како што е во цел свет. Но, она што ни фали на нас како општество е фактот што никој од нашите авторитети не вложува напори во правец на објаснување на проблемот визави локалното население, без разлика каде би се изградила депонијата, дали во Струга, Дебрца или на друго место. Секаде во нормалниот развиен свет сметот претставува ресурс, а кај нас е обратно, претставува опасност по здравјето на луѓето. Таквата депонија која би се изградила согласно стандарди, независно каде ќе биде поставена, ќе биде добар ресурс и за вработување и за други корисни работи кои произлегуваат од една таква депонија. – рече Ардијан Демири од граѓанската иницијатива „Стружани за Струга“.
Глигорије Ќатоски од граѓанското движење „Доста е“ смета дека управувањето со отпадот е национален проблем, а државата час поскоро треба да го преземе од локалните самоуправи.
-Одговорноста треба да ја преземе централната власт која треба да ги одземе ингеренциите од локалните самоуправи кои гледаме дека не можат да се справат со отпадот. Во меѓувреме, отпадот кој се создава се до изградба на регионална депонија да се депонира во единствената депонија која ги исполнува стандардите кај нас, а тоа е Дрисла во Скопје. – рече Ќатоски.
Нема општина во регионот која нема проблеми со депонирање на сметот, вели Шуип Марку од Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар.
-Се надевам дека нема да се повтори опожарување на депониите, но тоа е неизбежно, во сите градови постои проблем, но сега има уште еден дополнителен проблем, а тоа е појавата на многу други помали диви депонии. Затоа владата треба да преземе итни мерки за справување со депониите, бидејќи здравјето е пред и над се. – рече Марку.
Дали, каде и кога ќе се изгради модерна регионална депонија во Југозападниот плански регион, која всушност треба да биде фабрика за преработка на отпад и која ќе ги задоволува највисоките еколошки стандарди, засега е големо прашање, затоа што нема општина која сака проектот да се реализира на нејзина територија. Пример за тоа е општина Дебрца која категорично е против изградба на регионална депонија на нејзина територија како што се предлага со физибилити студијата изработена со средства од ЕУ. Населението на референдум се изјасни против таквата идеја, а на 22-ри април ќе се одржи голем протест кај селото Ботун против изградба на регионална депонија во Дебрца во атарот на селото Годивје. Идејата за изградба на регионлана депонија на оваа локација нема поддршка ниту од Локалната самоуправа, која потсетува дека Дебрца се наоѓа во сливот на Охридското Езеро кое е под заштита на УНЕСКО.
Г.М.