Деновиве во продажба излезе двојното аудио ЦД „Охридска Музичка Антологија“ на кое подолг период работеше Охридскиот музички еснаф во соработка со издавачката куќа „Сенатор“ и повеќе соработници.

Проектот има за цел зачувување и промовирање на охридската традиционална староградска песна и нејзиниот карактеристичем звук.

Ова е поголем проект во кој учествуваа 25 музичари, солисти и инструменталисти членови на Охридскиот музички еснаф во кој се обработени 26 традиционални песни од Охридско – струшкиот регион, 4 авторски песни со тематика за Охрид и две од авторски најопеани македонски песни, вели за Охридњуз Венко Пашовски – претседател на Охридскиот музички еснаф.

Гости во проектот се Евто Пупиноски со безвременска „Лихнида кајче веслаше“ и Наум Петрески со антологиската песна „За много години Македонци“, две нумери кои веке се обнародени на овие простори.

Проектот е изработен со сопствени средства и средства добиени од проект од областа на музичката култура, но најмногу благодарение на огромниот ентузијазам и несебичната посветеност на учесниците, како и со техничка подршка на ИНТВ продукција, Лабино саунд, Китрозон студио и 2S продукција, додава Пашовски.

За сите песни изработени се видео записи кои наскоро ќе бидат објавени.

Во тек е и изработка на пишана форма на овој проект односно изработка на книга-монографија која ке содржи текстови и мелографски записи за сите песни, кратка историја за тоа како истите настанале, како и кратка биографија за авторите и изведувачите учесници во овој проект, со што ќе се заокружи проектот „ОХРИДСКА МУЗИЧКА АНТОЛОГИЈА“, истакна Пашовски

Покровител на проектот е градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков.

OhridNews