Деновите во издание на ПНВ Публикации од Скопје излезе третото издание на поемата „Денес“ од Славе Ѓорѓо Димоски. Во 2024 година за оваа поема Ѓорѓо ја доби наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2024 година.

Тогаш од жири комисијата беше истакнато дека поемата ‘Денес’ – со своето мотивско и јазично решение – донесува освежување на канонскиот модел на жанрот, избегнувајќи ги архаичните обрасци и реторика на традиционалната поема – канонскиот урнек на поемата како жанр, којшто не мора (не треба) обврзно да биде и остане заложник на минатото, на архаичните жанровски обрасци и реторика.

Оваа ангажирана и длабоко засегната творба, нуди критички и длабоко резигниран пресек на актуелните состојби во светот, низ приемчиво обликувана експресија и впечатливи афористични поенти, на места, проникнати и со доза на духовитост (квалитет, што е инаку прилично редок и неочекуван во лириката). Како што може да се види, лексемата „денес“, која фигурира како наслов на самата поема, во текот на самиот текст воедно се повторува во неколку наврати, небаре маркантен и горчливо интониран лајтмотив, збогатен со повеќезначна слоевитост и симболика. Судејќи според резигнираниот тон на лирскиот субјект, денешнината не е нималку розева, ниту утешна, а најмалку од сѐ е таа продуховена и благородна, вели во поговорот на новото издание проф. д-р Елизабета Шелева.

Поемата „Денес“, посочува, остварува драгоцени проникнувања и созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како што се постхуманизмот, масовниот хазард (коцкањето со судбината на светот), миграциите, епидемиите и тековните војни (што веќе и директно може да ги следиме преку ТВ екраните).

Сепак, тоа пеење и тоа „епохално“ созвучје во овој лирско-епски пев не се одвиткува низ (соголен) публицистички, туку низ лично облагороден (интимен) дискурс, преку беспоштедно преиспитување (и цинично себесоголување) на сопствениот идентитет, но и актуелната егзистенцијална тегобност ширум светот; низ отворено соочување со дилемата (неизвесноста) на себе-перцепцијата и перцепцијата на другиот („дали секој од нас е едно непоставено прашање?“). Во средиштето на лирското промислување е ставена актуелната криза на субјектот и преиспитувањето на идентитетот, во состојба на повеќекратно умножена неизвесност; соочувањето со радикалната испразност на нашето (не)време, низ трајниот модус на себе-запрашаност: кој(а) сум јас, „чија претстава сум“, можна ли е комуникацијата (но, и суштинската љубов и разбирачка) со себе и со другиот?“, додава Шелева.

На претстојниот Саем на книгата во Скопје, во сабота авторот ќе потпишува примероци од најновото издание на поемата „Денес“.

OhridNews