Хотелите, угостителите, производителите на здрава и еколошка храна, производителите на сувенири, традиционалните занаетчии, туристичките здруженија, рекреативните и спортските клубови од Југозападна Македонија ќе изложат свои штандови на туристичките саеми кои во петок и сабота ќе се одржат во Струга и Охрид.

Овие туристички активности се дел од четиридневната манифестација ,,Излезете надвор, доживејте го нашиот регион’’ која ја организира Туристичкиот кластер на Југозападна Македонија ,,ЕДЕН”, заедно со Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Занаетчиската комора на Република Македонија  и Локалните самоуправи на општините.

Саемите кои ќе се одржат на отворено, ќе имаат за цел да ги презентираат можностите за активен одмор во Југозападниот дел на Македонија, во кои покрај Охрид и Струга се опфатени и општините Вевчани, Вранештица, Дебар, Дебрца, Другово, Зајас, Осломеј, Кичево, Македонски Брод, Пласница и Центар Жупа.

-Четиридневните промотивни активности ќе започнат утре, со обележувањето на Денот на Охридското Езеро во Струга, а продолжуваат во петок со свечено отворање на саемот во Струга кој ќе се одржи во централниот парк во близина на Машка плажа. Наредниот ден односно во сабота манифетацијата ја селиме во Охрид, каде што пред Центарот за култура ,,Григор Прличев’’ ќе биде направена саемска промоција на Југозападниот регион, вели Александар Јованоски, проект координатор во Туристичкиот кластер ,,ЕДЕН”.

Тој појаснува дека освен саемската презентација, во петок во попланадневните часови, во хотел ,,Дрим” во Струга ќе биде организирана промоција на туристичкиот каталог ,,Активен одмор во Југозападна Македонија”, во чии што рамки ќе се одржи и панел дискусија на тема ,,Потенцијалите за развој на туризам преку целата година во Југозападна Македонија”.

 Извршниот  координатор на Туристичкиот кластер ,,ЕДЕН”,  Ружди Муфти вели дека целта на четиридневната промотивна манифестција е да придонесе за обединување на туристичките чинители, подобрување на квалитетот на туристичката понуда и промовирање на алтернативниот туризам во југозападниот регион на Македонија.

-Тоа во суштина се и главите цели на Туристичкиот кластер на Југозападна Македонија – ЕДЕН. Со вакви и слични активности  ќе се пoтрудиме да  ја зајакнеме соработката помеѓу туристичките работници, јавниот и граѓанскиот сектор и да креираме заеднички проекти за поорганизирана промоција на туристичкиот пазар. Целта на кластерот е да го претвори Југозападниот регион во привлечна туристичка дестинација со висококвалитетна и интегрирана понуда, заснована врз одржливо искористување на природното и на културното наследство, автентичност и традиционална гостопримливост, вели Муфти.

Покрај туристичките саеми во рамки на промотивните активности, во сабота е предвидено одржување на национална велосипедска трка во Дебрца, а во недела ќе се одржи интернационалната велосипедска трка околу Охридското Езеро, ,,Заобиколи го езерото, почитувај го езерото’’.

Промотивните активности од четиридневнатата туристичка програма се поддржани од  Германското друштво за меѓународна соработка ,,ГИЗ РЕД” и Амбасадата на Република Германија во Македонија. 

Е.М