Патувачката изложба на фотографии од Балканскиот рис денес ќе биде поставена во Охрид во Културниот центар „Култ“.

Отворањето на изложбата е закажано за 13:30 часот, а истата ќе биде достапна за разгледување до 21 октомври, по што ќе го продолжи своето патешествие во друг град.

Како критично загрозен подвид кој живее само во регионот на Западен Балкан, со помалку од 50 возрасни единки во природата, балканскиот рис е под закана од загуба на живеалишта, криволов и ниска генетска разновидност, иако претставува незаменлив дел од природното наследство на регионот. Оваа изложба сведочи за неговото значење, истакнувајќи ја итноста да му се овозможи опстанок. Повеќето од изложените слики се направени со помош на фотозамки, како најкористен метод за теренско истражување на притаени диви животни, информираат од Македонското еколошко друштво.

Патувачката изложба ја организира Македонското еколошко друштво во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“. Изложбата во Охрид се реализира во соработка со Културниот центар „Култ“ и Националниот парк „Галичица“.

OhridNews