Во Музејот Резонанца на познатиот уметник Драган Спасески Охридски, синоќа беше отворена изложба на дела од ликовниот уметник од Белград, Марина Коцарева Ранисављев „Непрекината приказна 2 – Изместувања, Континуитет, Создавање“.
Оваа изложба е нејзино второ самостојно претставување во родниот Охрид.
Насловот на изложбата „Непрекината приказна 2“ дојде некако спонтано затоа што има 25 години од кога излагав во Охрид, во моето родно место. Во Уранија во 1994 година изложив кошули, експонати и колажи, некои од нив се и на оваа изложба и некако тоа ме поттикна да ставам акцент на континуитетот, бидејќи цело време се занимавам со деконструкција на облека и некако ја набљудувам нејзината симболика, а со тоа се занимавам и како теретичар од што произлезе и мојата книга „Мода и облекување“, и со оваа изложба се обидов да направам некаква врска помеѓу тоа што го работев порано со најновите дела кои се штафелајно сликарство. На моите сегашни слики доминира фасадата која е третирана деконструктивно во ликовен смисол, сликите не се реалистични, туку се работи за еден пристап кој е послободен. Наоѓам врска помеѓу телото, женското, машкото тело и самата фасада. Сите тие елементи некако комуницираат помеѓу себе и имаат посебна симбилична нота. – истакна уметникот Марина Коцарева Ранисављев.

Сепак постои трошка надеж дека уметноста мора неминовно некако да се наметне и општеството да се обиде да издвои поголеми средства, затоа што мислам дека без вложувања во уметноста и културата нема опстанок ни духовен, ни било каков. – додава Коцарева Ранисављев.

Некои работи подобро е да останат непроменети, да се инсистира на автентичноста. Јас сум секогаш за автентичност, тоа е нешто што треба да се негува и на запад мислам дека луѓето тоа го прават на еден доста добар начин. Било да се менува квака на некој објект се гледа тоа да биде најприближно можно до оригиналот. Мислам дека во Охрид не постои таков пристап и тоа ме растажува. – вели Марина Коцарева Ранисављев.

Тоа на некој начин ме иницира да ја повикам Марина да излага во овој простор, заради духовен континуитет, но пред се заради нејзината прекрасна уметност. Јас се радувам што таа се враќа на штафелајното сликарство, затоа што концептуалната и апстракната уметност полека заминуваат од сцената. Секогаш во историјата на уметноста имало периоди на фигурација и апстракција, но сега се враќа периодот на стилот, на вештината на сликањето, така да се радувам што Марина од деконструкција внимателно преминува на конструкција на делото со еден препознатлив колорит сино – жолто, сонце и вода. Јас се радувам што внатрешноста на Марина е обоена во тие бои, тоа длабоко зборува за нејзиниот суптилитет и припадноста на овие простори, воопшто на сите простори што изобилуваат со вода. – истакна уметникот Драган Охридски.

Г.М.
Фото галерија:
					






















							






