Петта самостојна изложба на Сокол Марковски, под наслов „Рак не е само хороскопски знак“ во галеријата Куќа на Робевци во Охрид во петок. Сликите биле изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.
Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба, информираат во соопштението од НУ Завод и музеј Охрид.
Во случајов, додаваат, претставувањето портрети (портретниот жанр како определба го усовршувам подолг период) е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“ (или негов дел). Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности.
Портретите се поставени на црна позадина која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“ (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено. Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајов сите се анонимно црни. Но, тоа не се само празни и нечујни црни дупки, туку ги содржат сите чувства и борби и, за жал, немо ја рефлектираат надежта и потребата од разбирање и поддршка, велат во соопштението.
Конечно, преку приказот на една човечки драматична состојба на внатрешната хистерија и хаос на кои е константно подложена индивидуата, авторот апелира на уште еден ликовно ангажиран начин да се подигне личната и општествена свест за борбата против ракот, додаваат во соопштението.
Изложбата официјално ќе биде отворена во петок во 19 часот, а ќе биде поставена за посетителите до 10 јуни.
OhridNews













