Во клубот Филозоф во Скопје АЗ БУ КИ, на 8-ми декември беше отворена изложба на дела “Охридските ангели“ од уметникот Драган Спасески-Охридски. Проектот од оваа поставка опфаќа ентериерно архитектонско уредување на охридската кафе галерија Quatro, со поставка на 20 дела со компјутерска графика од циклусот ОХРИДСКИ АНГЕЛИ.

“Основната идеа на Охридски во овој проект е преиспитување на бесконечноста како граница и воспоставување на релација меѓу креацијата и размислувањето. Моите најнови дела се чекор кон непознатото во бескрајната вода каде не се гледа дното и само храбрите и умешните ќе може да испливаат”, изјави Спасески-Охридски за Ohridnews.com. Со Охридските ангели авторот го преиспитува досегашното творештво барајќи нови начини на израз како што се математичките сфери и кристалографии и полигоналното сликарство. Охридски е мотивиран од преиспитување на идентитетот на појавноста на предметите и проблемот на бесконечноста како граница за нејзино освојување.

Изложбата на Драган Спасески-Охридски во Скопје доаѓа по таа во октомври во Подгорица-Црна Гора, каде тој претстави пресек на творештвото од циклусот “Погледни во себе“, ликовни дела и негова поезија преведна на српски јазик. Изложбата што ја организира македонско-црногорското здружение, ја проследиле претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ и други високи претставници на државата.