На 5 декември 2025 година во 12 часот во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“. На изложбата ќе бидат презентирани 80 експонати кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид.
Изработени главно од сребро во филигранска техника и украсени со полукапоцени камења, украсни стакленца и висулци – трепетушки. Тоа се врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар кои датираат од крајот на XVII до средината на XX век. Ќе бидат презентирани машки и женски прстени, прстени печатници со натписи и иницијали, столовати масивни прстени, прстени со кубести глави богато украсени со филигран и украсни камења и стакленца и прстени во вид на бурми, информираат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Прстенот, велат, е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации, најзастапен, а некогаш и единствен накит.
Покрај брачната фунција, прстенот печатник добива функција како обележје на статусот во рамки на државата, црквата, професијата и семејството. Но, заради неговата мистичност поврзана со неговиот облик на круг, се верува дека прстенот поседува и заштитна, прочистувачка, магиска и лечебна моќ. Тој е накит што се употребува и денес. Како брачен симбол, но и симбол на социјалниот статус, на моќна функција, а особено како одреден стил и мода на украсување. Но, секогаш ќе остане симбол на завет, единство, моќ, авторитет, достоинство и вечност, додаваат.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2025 година. Раководител на проектот – автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.
Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот Охрид Свети Климент Охридски.
OhridNews












