Амбасадата на Република Полска во Скопје, Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид и НУ Центар за култура ”Григор Прличев” ја организираат изложбата „Борба и страдање,полските граѓани за време на втората светска војна“.
Изложбата ќе биде отворена на 2 септември, понеделник, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во 19 часот.
Изложбата е подготвена од полското Министерство за надворешни работи и Музејот на втората светска војна од Гдањск за одбележување на 80-годишнината од избувнувањето на војната која започна со нападот на нацистичка Германија на Полска. Овој најголем вооружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, а исто така имаше големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година.
Изложбата ја раскажува историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји.












