СВР Охрид, поднесе кривична пријава против Ј.К.(28) од Берлин – Република Германија, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „измама“.

Како што соопшти полицијата, пријавениот  со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување и прикривање на факти, на околу 20-тина лица од Охрид  и од други градови во Република Македонија, им ветувал дека може да им обезбеди работни визи за Германија, Австрија и Швајцарија, за што им наплатувал од 450 до 500 евра. Со тоа, пријавениот германски државјанин, нелегално се стекнал со противправна имотна корист од околу 10.000  евра.

Истиот во текот на јуни и јули месец оваа година, престојувал во Охрид, регистрирал фирма за посредување и вработил лица преведувачи од германски и англиски јазик. Тој отворил телефонски сервис, изработил флаери и во неколку медиуми дал оглас  за вработувања. Со многубројните заинтересирани граѓани, пријавениот остварувал средби и  разговори, по што изготвувал обрасци со потребните податоци за кандидатите и со нивните работни познавања. Потоа, им давал уплатници за уплата на 450 до 500 евра во зависност во која земја  кандидатите сакале да аплицираат, по што потпишувале работни договори. На барање на кандидатите за некаква гаранција и заштита, пријавениот изготвувал писмени изјави во кои се обврзувал да обезбеди работни визи, а доколку се јават проблеми, тогаш ќе им врател 380 евра. Останатите 120 евра ќе биле покритие за направените трошоци по амбасадите. Писмените гаранции, пријавениот ги заверил кај нотар, а потоа ја напуштил Република Македонија.

OhridNews