Согласно измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, од УЈП информираат дека се менува фазата во која овластените подносители се должни да поднесат Известување (образец МФ/УЈП) за пречекорување на законските рокови за плаќање.
Управата за јавни приходи го спроведува инспекцискиот надзор на деловните трансакции помеѓу економските оператори од приватниот сектор, кај кои е пречекорен законскиот рок за плаќање на обврските:
– по добиено Известување МФ/УЈП од суд дека е донесена правосилна пресуда;
– по добиено Известување МФ/УЈП од нотар дека е донесено правосилно и извршно решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, донесени во постапка за присилна наплата на парична обврска која произлегува од деловна трансакција; и
– по добиено Известување МФ/УЈП од извршител за примено барање за извршување врз основа на извршна нотарска исправа.
Судот, нотарот, односно извршителот се должни да го достават Известувањето МФ/УЈП, во рок од 10 дена од донесувањето на пресудата, односно решението, односно од приемот на барањето за извршување.
Од УЈП информираат и дека се пропишува обврска на Министерот за финансии за носење на подзаконски акт со која се пропишува формата и содржината на Известувањето МФ/УЈП.
Формата и содржината на Известувањето (образец МФ/УЈП) е уредена со Правилник за формата и содржината на известувањето („Службен весник на РМ“, бр.41/16).
Согласно член 2 став 2 точка 5 од Правилникот, кон Известувањето МФ/УЈП задолжително се приложува:
1) Правосилна пресуда (доколку подносителот е суд);
2) Правосилно и извршно решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа (доколку подносител е нотар);
3) Барање за извршување врз основа на извршна нотарска исправа (доколку подносител е извршител);
4) Фактура/Друго барање за плаќање (суд, нотар или извршител).
Известувањето МФ/УЈП се поднесува до надлежната Регионална дирекција / Дирекција за големи даночни обврзници на УЈП, односно до дирекцијата на УЈП каде се води и администрира должникот од приватен сектор.
OhridNews