Со донесените измени се воспоставуваат две евиденции. Евиденција на невработени лица кои активно бараат работа и евиденција на други лица што бараат работа. Како што потенцираат од министерството за труд и социјална политика, ова се прави со цел да се даде поголем акцент и внимание на невработените лица кои активно бараат работа, со идентификување на нивните потреби соодветно на нивните знаења и вештини преку подготовка на индивидуален план за вработување.
Во Законот утврдено е кое лице се смета за невработено, кое активно бара работа и што се подразбира под активно барање работа во согласност со дефиницијата на Меѓународната организација на трудот.
Во тек е и постапката за донесување на Посебен правилник со кој поконкретно се регулираат прашањата за видовите на евиденциите, на одделните регистри што се евидентираат во Агенцијата, како и содржината и начинот на воспоставувањето и водењето на регистрите.
Измените и дополнувањата на Законот и Правилникот ќе почнат да се применуваат од 23 декември годинава, со што ќе почне и обврската за пререгистрирање на евидентираните лица согласно со новите видови евиденција.
Како што информира министерот Спиро Ристовски, евидентираните невработени лица, треба подготвениот индивидуален план за вработување да го потпишат, врз основа на кој Агенцијата за вработување преку активните програми и мерки за вработување ќе презема мерки, со цел обезбедување соодветно или погодно вработување на невработеното лице или обезбедување други услуги преку активните програми и мерки за вработување.