Со измените и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување објавени во Службен весник на РМ бр. 247 од 31.12.2018 година, лицата со повисоки примања нема да имаат повеќе обрска да плаќаат придонес за задолжително здравствено осигурување на 100% основица на просечната плата во Републиката објавена во јануари во тековната година, туку основица за пресметка на придонес за задолжително здравствено осигурување за оваа категорија на осигуреници е 50% од  просечната плата во Републиката објавена во јануари во тековната година. Оваа законска поволност ќе ја користат 462 осигуреници, информираат од ФЗОМ.

Осигурени лица кои имаат решение да плаќаат придонес на 100% основица за пресметка и плаќање на придонес, а тоа е просечната плата во Републиката објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика, ќе се пререгистрираат по службена должност за што ќе добијат ново решение со кое осигуреникот ќе се презадолжи со новата основица со тоа што од 100 % истата ќе се намали на 50%основица за пресметка и плаќање на придонес од просечната плата. Притоа овие лица нема потреба да доаѓаат на шалтерите во подрачните служби на Фондот.

Лицата кои ќе поднесат ново барање за утврдување на својство на осигурено лице од 01 февруари 2019 година согласно член 5 став 2 од Законот за здравствено осигурување односно во делот од образецот на барање БОЛ-Н во делот лица со повисоки примања ќе ја заокружат точката 2 ќе добијат решение со кое ќе се задолжат за уплата на придонес за здравствено осигурување на 50% основица од просечната плата.

На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување и немаат промена во однос на лимитот на остварен приход, нема да добиваат нови решенија по пошта.

Лицата кои првпат поднеле пријава за здравствено осигурување во текот на месец јануари 2019 година потребно е да дојдат на шалтерите во Фондот повторно да  се пријават од 01 февруари до 31 март 2019 година, согласно сегашните објавени законски лимити, бидејќи истите во однос на остварените приходи за 2018 година се зголемени, со цел  да го остварат правото на здравствено осигурување.

Лицата кои имаат промена во висината на нето приходите за минатата 2018 година, потребно е да дојдат во подрачните служби на Фондот од 1 февруари до 31 март оваа година и да донесат документи за нова пререгистрација.

Доколку  се утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисоки приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош. Овие лица на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.

OhridNews