Охриѓани реагираат дека голем број сопственици на домашни миленици, не ги почитуваат законските одредби со кои се предвивува шетање на кучињата под надзор и со заштитни маски, односно одлагање на изметот од домашен миленик во корпа.

Жители од стариот град, се жалат дека на улицата „Цар Самоил“ секојдневно можат да се најдат остатоци од измет од животните.

Сопствениците на кучиња треба да го чистат изметот на своите љубимци, а не да го оставаат. Ме иритира тоа што по целата улица која е фреквентна, секојдневно можат да се забележат вакви фекални остатоци.“ – вели револтирано жителка од старото градско јадро.

Со исти ваков проблем се соочуваат и станарите од улицата „Партизанска“ наспроти поранешниот полигон за мали спортови, кои потенцираат дека дел од сопствениците на кучиња и покрај предупредувањата, воопшто не го почитуваат законот.

Прво треба да се развие свеста кај секој поединец, дека тој измет е потенцијална опасност од болести. Не за џабе е донесен законот, кој предвидува санкции против прекршителите.“ – велат охриѓани.

Од „Анималиа“ велат дека казните и поставувањето канти за фрлање отпад за миленици, би биле едни од решенијата за да се натераат граѓаните да носат кеса за смет и да бидат повеќе одговорни.

Имено ЈП Комуналец располага со канти за фрлање отпад за миленици, па често запнуваме истите да се постават како би делувале мотивирачки за граѓаните да водат поголема грижа и за изметот кој го прават нивните миленици. Сепак, најдобро е навиките да се научат од мали нозе и да се менува нешто во образованието за да ги нема проблемите (и овие со животните и општо останатите). Затоа што сепак сме сиромашна земја и не секој може да ги сноси казните и да извлече поука од нив. Свеста е од најголемо значење за да се смени нешто. Сето друго е само замаскирање на последиците.“ – велат од „Анималиа“.

Граѓаните реагираат и на тоа дека домашните љубимци ретко се шетаат со заштитни маски.

Можеби кучињата не се агресивни, можеби некои само изгледаат така, но ако има веќе таков Закон, тогаш истиот би требало да се почитува и применува. Има доста сопственици, кои кучињата ги шетаат без ланец, дури и онаму каде има деца.“ – велат дел од граѓаните.

Од „Анималиа“ со спротивен став, наведувајќи дека милениците тешко се навикнуваат на заштитните маски.

Се прашуваме што би бил наредниот чекор, со оглед на тоа што веќе ги ставивме во ланци, дали можеби ќе биде забрането и да го дишат воздухов кој станува се поредок и поредок. Иако заштитните маски може да бидат одлична превентива од внесување храна која во себе има отров.“ – истакнуваат од „Анималиа“.

Согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, за ваков вид прекршок неносење заштитна маска, предвидена е глоба во износ од 100 до 400 Евра во денарска противредност. Според Законот за ветеринарно здравство, и комуналните инспектори имаат надлежност на сопствениците кои не ги почитуваат законските одредби, да им земат лични податоци и да поднесат прекршочна пријава која потоа се проследува до судот.

O.T.