Веќе чекориме во Новата 2016 година, со надеж за подобри денови исполнети со убави настани. Минатата година е веќе зад нас, некои ќе ја запаметат по добри работи кои ќе остават убав спомен, а некои по лоши нешта кои треба што побрзо да се заборават. Како ќе биде запаметена минатата 2015 година од новинарски агол, ги запрашавме охридските новинари.
Татјана Караџова Маленкова, Главен и одговорен уредник на „О2-Телевизија“
На што се сеќавам од 2015? Дали јас не можам да се сетам на позитивни настани, или ги немаше? За жал во изминатава година секојдневно црна хроника. Годинава која изминува ќе ја паметам по растежот на Регионалната теелвизија „О2“. Во нашиот „дом“ четириесеетте вработени или семејството на О2, внесе премногу љубов, континуирана работа, а ефектот е благодарноста на граѓаните која ја добиваме секојдневно. Ова е само наш мотив и потик дека можеме повеќе и подобро. „О2“ и понатаму е и ќе биде медиумски покровител на сите настани, за кои организаторот ќе го побара тоа од нас. Што беше најдобро во 2015, нити можам, нити сакам да издвојам, затоа што за мене настан број 1 во 2015 година е растежот на регионалната „О2“ со која и тоа како се гордеам. Љубов, здравје, среќа, хармонија … има ли нешто друго што може да се посака? Посакувам сите да имаат позитивна мисла, за си ја гледаат својата работа, зошто само така може да одиме напред. Сите сме имале подеми и падови, пријатели и непријатели, помошници и „сопкачи“. Јас на сите, ама баш на сите им посакувам многу успех, здравје, радост… за мене нема пријатели и непријатели, сè се тоа луѓе, кои заслужуваат подобро утре. Нека Новата година ни донесе пред сè мир и љубов меѓу луѓето. Среќна Нова 2016 година!
Мики Трајковски, дописник на „Алсат-М“ и „Радио Слободна Европа“
Годината која веќе е зад нас помина во знакот на длабоката политичка криза во која се најде државата, а со тоа и уште повеќе одалечувањето на Македонија од ЕУ. И 2015 ќе биде забележана по негативниот тренд на заминување особено на млади луѓе од земјава во странство, се разбира во потрага по пристоен живот. Ако го гледам Охрид во 2015 година реалната слика е дека тоа е град кој живее само три месеци во годината кога е туристичката сезона. Затоа оние кои ги носат одлуките треба да поработат повеќе на овој план. Интересите на граѓаните треба да бидат над партиските интереси, овде мислам на сите политички чинители. Не можам да ги заобиколам позитивните нешта кои не направија горди, а тоа се охридските ракометари и нивниот одличен настап во ракометната супер лига, а очекуваме излез во Европа во 2016. Тука се и се поголемиот број странски туристи кои на Охрид му носат сигурно вистинско место на светската туристичка мапа. На личен план 2015 беше релативно добра година поради моето враќање во Алсат телевизија, еден од медиумите со највисока доверба кај граѓаните.
Даниела Спасиќ новинар и водител во „Радио Охрид“
Обично кога се прави сумирање на она што поминало, се сеќаваме на убавите и позитивни случувања и настани. Она по што ќе ја паметам 2015 година, еве ќе започнам со културата, извонредните концерти на 55-то јубилејно издание на Фестивалот „Охридско лето”. Секако тука незаборавното отворање со Кармина Бурана, настапите на Стефан Миленковиќ, Дуке Бојаџиев, маестралниот Максим Венгеров, Балетската претстава „5 до 12 “, „ Howard Gospel“ хорот од САД. Годинава што изминува ќе остане запаметена по тоа што македонецот Евгениј Поп Ацев победи на 29-от Охридски пливачки маратон, а сезоната ја заврши со освојување на првото место во гран-при серијата на пливачки маратони на ФИНА. Секако на полето на спортот би ги спомнала и успесите на РК Охрид. 2015 –та ќе ми остане во сеќавање и по тоа што нашиот Боби Мојсоски успешно ги бранеше боите на Охрид и Македонија на музичкото шоу X – фактор. На приватен план оваа година ќе ја запаметам по бројните патувања и прекрасните моменти поминати со драги личности. Се гордеам со успесите на мојот брат Дејан и неговиот бенд The Bulbs, на нивните настапи во Охрид и низ земјава. На крај посакувам се што било лошо да го оставите зад вас. Започнете ја 2016 година весели и насмеани, со нови надежи во нови победи. На сите читатели на Ohridnews им посакувам од срце среќна и бериќетна 2016-та, исполнета со здравје, љубов и убави моменти.
Милчо Јованоски, дописник на ,,Дојче веле”, ,,СБС” и уредник на Публицитет.мк
Година како и секоја друга. Борба со себеси и со околината за да се успее во плановите, а попат да не се заборави најважното, семејството, другарите и пријателите. Сега кога и вака размислувам, по нарачка што се вели, искрено се прашувам кога поминаа 365 дена, летнаа, а просто човек и да не ги забележи. Можеби е така затоа што не само мене, туку и сите ние некаде брзаме, секогаш ни недостига ете само еден , час, пет минути, една минута. Затоа се надевам дека од 2016 ќе дојдат подбри времиња не само за мене, туку и за сите нас. Глобално и овде на нашиве простори ме плашат војните, бегалската криза, случувањата во Куманово, тероризмот…
Од овој ретро- агол се радувам што бев дел од еден од документарците за престижното и во чест на 55 издание на фестивалот „Охридско лето“, промоцијата на Монографијата посветена на златниот јубилеј 50 години ОМУ „Методи Патче“ која мене и на мојата драга пријателка Нина Момировска ни одзеде цели две години од нашите животи,ама не направи заеднички горди. Со многу жар и енергија јас, Гордана Нина, Роберт, Габи, Спасе и Марјан го реализиравме чевтртото Зајдисонце во Трпејца. Некако по навика ми одат од рака ангажманите во престижните медиуми Дојче веле и СБС .
Покрај убавите мигови кои ми ги приредуваат постојано сопругата и ќерка ми на оваа 2015 ќе се сеќавам по стартувањето на мојата фирма ФЛЕШ ПЛУС и порталот „Публицитет.мк“ со неговиот поинаков поглед на нештата и ангажманот во Петтата приватна гимназија во соседна Струга каде предавам македонски јазик и литература на деца од трета и четврта година.
За жал неочекувано и не можам да се помирам што оваа 2015 година од мене откина две драги лица – колешката Сузана Тодоровска – Павлоска и мојот другар уште од средно Зоран Милески. Тие заминаа, без поздрав, а јас нема ден барем еднаш да не помислам на нив… Нека најдат мир и спокој таму…
Си посакувам само среќа и здравје за мене и моите најблиски. Сакам да подарувам и да ми подаруваат убави зборови и само насмевки. Да имаме насмеана и ведра 2016 !
Весна Баштованска, дописник на „Утрински весник“ и уредник на Ohridpost.
Според мене 2015 година ќе остане запаметена по самиот нејзин „темен“ почеток. Обилните снежни врнежи кои буквално ја затрупаа нашата земја и направија да бидат отсечени голем број рурални средини, а како тоа да беше малку дополнителен проблем се наметна и со немањето електрична енергија и постојаните дефекти од страна на ЕВН. Веднаш потоа следуваа големите досега незапаметени поплави во раниот пролетен период на нашите големи плодни површини особено во Пелагонискиот дел.
На политички план во нашата земја трага во оваа 2015 година оставаат објавените преслушкувани материјали од страна на опозицијата, политичката криза во земјава, реализацијата на техничка Влада како и најавените предвремени избори за оваа 2016 година. Она што кај мене остави позитивен впечаток е плодната туристичка сезона во Охрид. Големиот број на туристи кои го посетија нашиот град. Секако и убавата летна сезона која траеше речиси до месец октомври.
Негативнен настан кој ќе го памети светот се терористичките напади во Париз, каде терористите успеаа да внесат страв во големите европски метрополи. Зло кое се повеќе навлегува во сите пори на општеството. Секако тука е и бегалската криза која сеуште трае и сите сме сведоци на тоа.
Сепак на свој личен план оваа година ќе ми остане запаметена по мојот ангажман за Утрински весник Скопје како и по мојата остварена желба за автомобил, кој успеавме да го имаме со мојот сопруг.
Посакувам во Новата 2016 година пред се многу здравје на сите, а потоа успешна и бериќетна година на секое поле за сите граѓани.
OhridNews