Согласно информацијата изготвена од општинскиот инспекторат, бројот на остварени ноќевања во првите осум месеци од годинава изнесува 345.026 што споредено со 2012 година значи зголемување од 2,8%. При тоа кај домашните ноќевања забележано е намалување од 12,2%, додека пак бројот на ноќевања од странски гости е зголемен и тоа за 15,9%.
Што се однесува до наплатата на туристичката такса за привремен престој, заклучно месец септември, во општинскиот буџет се слеале 9.435.970 денари од хотелите и 1.495.734 денари од приватните станоиздавачи.Доколку се изврши споредба со истиот период во 2012 година, наплатата на туристичката такса е зголемена за 15,6%.
Ова се официјалните податоци кои денес на прес конференција ги соопштија градоначалникот Никола Бакрачески и раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов. При тоа, градоначалникот Бакрачески потенцира дека станува збор за оптимистички и поволни податоци кои ги побиваат претходно изнесените шпекулации дека изминатата туристичка сезона е една од најслабите во Охрид.
– Со оглед на временските прилики во екот на сезоната, особено во јули кога беа многу неповолни, што беше случај и во останатите земји од опкружувањето, и драстичниот пад на ноќевањата во тој период, можам да кажам дека сум задоволен од податоците . Бројот пак на туристи беше рапидно зголемен во мај и септември. Очекувањата беа поголеми, но ако временските услови беа подобри сугурно ќе имавме уште повеќе туристи, изјави Бакрачески.
Како што рече раководителот на секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов, зголемувањето на наплатата на туристичката такса се должи на спроведените активности за воспоставување ред во наплатата.
– Во текот на сезоната беа реализирани координирани активности со надлежните на повеќе од 15 локации во Охрид. Врз основ на контролите беа изречени над 300 опомени, повеќе од 60 барања за поведување на прекршочни постапки, беа изречени казни за диви туристички водичи, нелегални посредувачи при сместувањето и казни за туристички агенции, рече Апостолов.
Од локалната самоуправа информираат дека се работи на усвојување на поагресивна кампања со цел подобрување на туристичката сезона за 2014 и побројни активности за искоренување на негативните појави во областа на туризмот.
Т.Кувенџиска