Високите температури и продолжениот празничен викенд не беа доволна причина домашните туристи во поголем број да го посетат Охрид. Сепак голем број од нив викендов се одлучија да направат краток одмор во некое од бројните летувалишта во соседството. Низ градот денеска можеа да се забележат помали групи странски гости, но нема поголема раздвиженост.


Најраздвижено е во чаршијата

Туристичките работници велат дека интересот за Охрид засега не е според очекувања. Ниту резервациите за сместувачките капацитети не се на посакуваното ниво, што според нив се должи на неповолните временски услови во првата половина од јуни.

-Во споредба со минатата година има некоја стагнација, но очекуваме зголемување во наредниот период. Времето не ни беше наклонето, како да работевме во зимски услови, но како затоплува времето почнуваат да растат резервациите и букингот за Охрид.-изјави Олег Маленко од  Т.А. „Вис Пој“ – Охрид.


Менаџерот на х. „Силекс“ Тоше Чочороски, вели дека успешноста на туристичката сезона во Охрид не смее да зависи само од временските фактори. Тој вели дека благодарение на кружните балкански тури сезоната во Охрид започнува порано, но треба да се размислува како да се продадат капацитетите во туристичкиот шпиц многу порано. Годинава помал е бројот на холандски туристи, но најмногу загрижува  тоа што речиси да ги нема гостите од соседството, посочува Чочороски.

-Ова заслужува сериозна анализа. Можеби проблемот е во нашето сфаќање дека комшиите мора да дојдат, се покажа дека не морало. Кога ние направивме пакет аранжмани за странските туристи од други држави со атрактивни цени, се прашувам зошто тоа не го правиме за земјите од соседството. Сме зацртале дека не ни бегаат и дека се тука, но од година во година се повеќе ни бегаат. Ако повозрасните го искусиле Охрид и се веќе заситени има млади туристи, но ги немаме ниту нив. Имавме одредени политички случувања, имавме несреќен случај кога е во прашање Бугарија, се си влече можеби и има причина за ваквата ситуација. Но, не смееме лесно да се откажеме и мора активно да работиме со туристичките агенции на привлекување на гостите од регионот.-изјави Чочороски.


Во обид да се привлечат повеќе туристи, Локалната самоуправа во соработка со туристичкиот еснаф отпочна промотивна кампања во чии рамки на 6-ти јули ќе се одржи „Бела ноќ“, кога Охрид на гостите ќе им понуди 24 часовна забава, а предвидено е да се раализира и рекламна кампања во соседна Србија и Албанија, со цел да се привлечат тамошните туристи да го посетат Охрид во главната сезона.

Г.М.