Со цел да се подобри економскиот развој на Југозападниот плански регион градоначалниците на општините одлучија на странските инвеститори да им стават на располагање над стотина атрактивни градежни локации каде што може да се реализираат конкретни инвестициски зафати. Натамошниот развој на туристичката инфраструктура и лесната индустрија се секторите каде се очекува значаен влез на капитал што ќе придонесе да се подобрат економските перфоманси на овој Регион, изразени, пред сé, преку зголемен обем на инвестиции и намалена стапка на невработеност.
– Во оваа насока Центарот за развој на Југозападниот плански регион разви иновативна софтверска апликација која ги истакнува компаративните предности на општините и можностите за нивно усогласување со развојните тенденции за планирање на просторот. Така, со апликацијата, која ја изработи компанијата Гди ГИС Дата од Скопје, потенцијалните инвеститори, од било која точка во светот, добиваат не само основни информации за просторот, туку и целосна визуелизација за одредените локации што се предмет на интерес. Сето тоа го олеснува процесот на селекција, одлучување и комуникација со задолжените лица во Општините за следење на интересите на инвеститорите, истакнува проектниот координатор Стојан Савески.
Апликацијата овозможува ефикасно управување со градежното земјиште и негово ставање во функција на локален економски развој. Локалната администрација, со примената на креираната апликација, може брзо и ефикасно да одговори на поставените барања на инвеститорите и неколкукратно да се подобрат ефективните промотивни активности за привлекување на инвестиции.
– Алатката може перманентно да се надоградува и развива во зависност од потребите на двете страни – давател на услуги и корисник на услуга. Овде сакаме да споменеме дека нема општина, ниту плански регион, во кои се одвиваат слични проектни активности, подвлекува раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лоазноска.
Лозаноска потенцира дека проекот е поддржан од Владата на Македонија, за што се издвоени средства во висина од два милиони денари од националниот буџет.
OhridNews