Израелска делегација, предводена од министерката за земјоделство и рурален развој Орид Нокед, придружувана од македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димоски, денес го посетија охридскиот „Хидробиолошки завод“. Ним им беше презентиран процесот на вештачки мрест на охридската пастрмка, чија реализација започнала со самото основање на заводот во 1935 година.
Како што беше објаснето од страна на стручните лица во Хидробиолошкиот завод, од 2005 година, поради влошената состојба со популацијата на ендемскиот вид на охридската пастрмка, стартува новиот начин на вештачкиот мрест со колекционирање на икрите и враќање на матиците назад во водите на езерото.
– Процесот на вештачкиот мрест на охридската пастрмка е комплетно финансиран од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во 2004 година воведовме целосна забрана за риболов на сите видови риби на македонскиот дел од Охридското Езеро. Во 2012 ќе се направи ревизија на состојбата со популацијата на пастрмката и ќе се дефинираат следните чекори, истакна министерот Димовски.
Од страна на научните работници во заводот, на министерката Нокед и беше објаснето дека соработката на научно ниво со албанските колеги е на високо ниво и дека во мрестилиштето во Лин, Република Албанија, се применува истата методологија за мрест на пастрмката.











